Во мај непрофитната организација за домување „Њу Стори“ сподели планови за 3Д-печатење на цело соседство. Таа визија сега се остварува. Организацијата ги откри првите куќи од овој проект во рамките на нешто што на крајот ќе стане уникатна заедница од 50 дома во Мексико.
„Њу Стори“ ги создала домовите што имаат површина од околу 46 квадратни метри со користење на „Вулкан II“, 3Д-печатач развиен од страна на проект-партнерот „Ајкон“, градежно-технолошка компанија со седиште во Остин.
За секоја од куќите, кои имаат по две спални и една бања, биле потребни околу 24 часа за да се испечати.
Фамилиите што ќе се вселат во овие куќи заработуваат медијана на месечните приходи помала од 80 долари и многу од нив сега живеат во едноставни колиби кои не ги штитат соодветно. Како што истакна коосновачката на организацијата, Александрија Лафчи, повеќето од фамилиите што треба да се вселат во 3Д-печатената населба никогаш порано немале водоводна инсталација во
домовите.
Сега кога првите вакви домови се завршени, други места со несоодветно сместени или бездомни луѓе може да се охрабрат да ги искористат 3Д-печатените куќи.
- Чувствуваме како да докажавме што може да се направи со носење на машината во рурална област во Мексико, во сеизмичка зона, и со успешно печатење на овие први неколку домови. Штом еднаш луѓето ќе го видат тоа со свои очи, веќе не е луда идеја - истакна извршниот директор на „Њу Стори“, Брет Хаглер.