1 март 2020 година е датумот на кој клиничката болница „Жан Митрев“ ќе го одбележи својот 20-годишен јубилеј. По тој повод, токму на 1 март во хотелот „Александар палас“ ќе се одржат низа активности
Одбележувањето ќе почне точно напладне со симпозиум на тема: „Развој на кардиоваскуларната хирургија во последните 20 години“, а во кој учество ќе земат низа врвни стручњаци од оваа област. Честа да го заокружи симпозиумот ќе му припадне на акад. д-р Жан Митрев, директор на клиничката болница „Жан Митрев“.
„Жан Митрев“, на самиот почеток именувана како Специјална болница по хируршки болести „Филип Втори“, ги постави темелите на современите медицински услуги во 1999 година, по адаптирањето и реновирањето на еден изнајмен дел од Воена болница во Скопје. Официјално, болницата беше отворена на 1 март 2000 година, а медицинското стартување е одбележано со првата бајпас-операција во Република Македонија, водена од академик д-р Жан Митрев. Токму на тој 1 март 2000 почнува да се пишува историјата во македонското здравство, новата ера во македонската кардиоваскуларна хирургија. Две години подоцна, односно во 2002 година е направена и првата операција на отворено срце врз буден пациент.
Интересот за оваа установа почнува секојдневно да расте, а со тоа потребата од нови услови за работа. Потребите за згрижување на пациентите иницираат уште едно реновирање, а стариот оддел, истата оваа 2002 година, е заменет со модерен и современ оддел. Веќе следната година стартуваат третманите на вродени срцеви заболувања. Успешно е поставен првиот АСН occluder, и тоа на преткоморен дефект кај 4-годишно момче. Во 2008 година стартува со работа новиот, софистициран дијагностички центар кој стана еден од водечките центри во регионот, со работно време 24/7.
Десетгодишнината од основањето на болницата, 2010 година, беше одбележана со бројка од 10.000 операции. Денес „Жан Митрев“ не само кај нас, туку и во регионот е препознатлива како софистициран, современ медицински центар со комплетни дијагностички процедури во повеќето медицински гранки, поддржани со услуги од модерната хирургија, анестезија и интензивна нега.
Успешната приказна не завршува тука, напротив. Научните достигнувања низ годините носеа и соодветни звања и награди. Така, во 2002 година, д-р Митрев беше промовиран за академик на плато. Активностите на тимот на д-р Жан Митрев се промовираа и презентираа на повеќе светски конгреси, од каде што се враќаа како добитници на многубројни награди и признанија. Од многубројните признанија добиени овде и во странство би ја издвоиле престижната награда од EUROPE BUSINESS ASSEMBLY и Сократ комитетот, од областа на здравството, „Најдобар здравствен менаџер и најдобра болница“.
Приказната добива нова димензија пред четири години, односно на одбележувањето на 16-годишнината од формирањето – кога е отворен новиот објект, кој е со петпати поголем капацитет и го носи името „Жан Митрев“. Изграден е според највисоки стандарди, со уникатен ентериер, врвна медицинска опрема, комплетно регулирана средина, строго управувани режими на греење и ладење и довод на свеж воздух и максимална комфорност на пациентите, вработените и посетителите. Потврда за успешното работење е престижната награда за најдобар менаџер и болница со најдобар квалитет на здравствени услуги, која му припадна на академик д-р Жан Митрев, во конкуренција со здравствени центри од Европа и Блискиот Исток. „Жан Митрев“ во ноември 2017 година го доби и златниот печат за квалитет и безбедност од Joint Commision International и со тоа стана првата болница што за нецела година влезе во семејството на најпрестижната организација за акредитација на болници во целиот свет. Продолжи и развојот на детската кардиохирургија, која функционира од самото основање на болницата, а во декември 2018 година, како врв на медицинскиот развој, ја стартува и ја разви и програмата со механичка циркулаторна поддршка за третман на срцева слабост. Во април истата година „Жан Митрев“ ја доби државната акредитација за квалитет од страна на Агенцијата за квалитет и акредитација на здравствени установи.
(Комерцијална објава)