Ноа Калина е њујоршки фотограф кој имал изложби низ целиот свет. Но, еден проект станал негово најпознато дело.
Ноа го почнал проектот на 11 јануари 2000 година. Од тој ден, во наредните 20 години, секој ден правел по една селфи-фотографија. По повод 20-годишнината од проектот, тој ги монтирал автопортретите и направил 8-минутно видео.
Во 2006 година проектот „Секој ден“ станал вирален, до тој степен што серијата „Симпсонови“ направи негова пародија, а големи компании го контактирале Ноа за да ја сподели идејата со нив. Во 2012 година повторно го ажурира проектот, а минатата недела одбележа неверојатни 20 години од почетокот.
- Кога во 1998 година првпат видов дигитална камера, знаев дека морам да ја имам. Знаев дека станува збор за уникатно средство за создавање уметност. Можноста да фотографирам неограничен број фотографии за мене беше нешто неверојатно - изјави тој.
Видеото има повеќе од 2 милиона прегледи на „Јутјуб“ и предизвика сериозна дебата на социјалните мрежи.
- Повеќето реакции се позитивни. Мислам дека
видеото им овозможува на луѓето да се справат со сопствената смртност и со тоа колку брзо поминува животот. Знам дека многумина беа инспирирани да почнат сопствена верзија од проектот. Мислам дека тоа е прекрасно - вели Ноа.
- Не планирам да престанам со тоа и ќе го правам до последниот ден од животот - вели тој.