Она што зад себе го оставил Никола Тесла е најголемото научно наследство во светот, со повеќе од 160.000 оригинални документи, изјавил Бранимир Јовановиќ, автор на книгата „Тесла - дух, дело, визија“, најсеопфатното дело досега за овој научник кој го промени светот.
Според Јовановиќ, Тесла пред 100 години ја предвидел нестабилноста во која живееме денес.
Јовановиќ изјавил дека истражувањето трае повеќе од 40 години и дека се обидел да ја открие вистината за Тесла. Тој додал дека неверојатното богатство се наоѓа во Белград, во музејот „Никола Тесла“.
-Тоа е наследство од над 160.000 оригинални документи, најголемото научно наследство во светот. Околу 90.000 документи останаа за Ајнштајн, 10.000 за Леонардо и околу 80.000 за Гете – изјавил Јовановиќ.
Јовановиќ вели дека, иако најмногу се зборува за Тесла како технолошки гениј, филозофско-социјалниот аспект на неговите размислувања и дела е исто така многу интересен.
-Тесла пред 100 години рече дека западната цивилизација се обидува само да го реши општествениот аспект на животот, но за да биде одржлива ќе мора да ги реши моралните и духовните аспекти, кои во тој момент сè повеќе ги запоставува. Ако продолжи да оди во оваа насока, ќе заврши како и сите големи цивилизации - во пропаст – ова се зборовите на научникот.
Јовановиќ истакнува дека Тесла ја предвидел нестабилноста во која живееме.
-Тесла имаше контрадикторности во него - тој беше гениј, но и жив човек со лични проблеми.Тој веруваше дека душата и духот се атрибути на телото и дека со исчезнувањето на телото исчезнуваат и духот и душата - истакнал авторот на книгата за големиот научник.
Тој додава дека Тесла не бил верник, но дека припаѓал на религијата на татко му.
-Живееше на ниво на умот и на ниво на срцето. Неговиот ум и припаѓаше на западната метафизика, но неговото срце на традицијата и православието - заклучил Јовановиќ.
Извор: n1info.hr
Фото: Wikipedia