X
 19.07.2024 Технологија

Експерт за глобалната ИТ-драма: „Точно знаеме што се случи, поправката ќе трае со денови“

Компаниите во светот се соочуваат со проблеми поради откажување на системите кои се напојуваат со оперативниот систем „Виндоус“ на „Мајкрософт“.

Зафатени се аеродроми, болници, медиумски куќи, продавници... За што се работи? Дали е тоа напад или човечка грешка? Еве што велат експертите.

- Знаеме точно што се случи. Како дел од редовната надградба на софтверот „Крауд страјк фалкон“, една од системските датотеки создава грешка што, се чини, ќе го ресетира секој веб-сервер или работна станица на „Виндоус“. Потоа тој компјутер или сервер влегува во таканаречената јамка за подигнување, што значи дека не успева да се подигне и да работи нормално, туку постојано се ресетира - истакнува ИТ-експертот Марко Ракар.

„Крауд страјк фалкон“ е софтверско решение кое вообичаено го користат големите компании и го нема кај крајните корисници, па затоа се погодени токму големите компании и оние што ги чуваат своите системи во компјутерскиот облак, кој е заштитен со овие решенија. Иако решението за оваа конкретна ситуација е познато, тоа не значи дека проблемот брзо ќе се реши. Имено, решението подразбира рачно запирање на секој поединечен сервер или компјутер, влегување во „Сејф моуд“ за одржување и рачно бришење на одредени датотеки.

Процесот е релативно едноставен, но тој е целосно рачен и мора да се направи на секој засегнат компјутер, што значи дека ќе бидат потребни денови за да се реши овој проблем.

Сепак, Ракар очекува дека првите услуги ќе почнат да се враќаат релативно брзо. Во принцип, можно е ваквите ситуации да се повторат, но само на оние софтверски решенија кои по својата природа имаат пристап до сите елементи на компјутерот и оперативниот систем.

- Како по правило, тоа се исклучиво оперативниот систем (кој го контролира „Мајкрософт“) и ваквите антивирусни решенија - заклучува Ракар.

Извор: tportal.hr

Фото: Freepik

Подготвил: Маја Пероска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Технологија