X
 19.08.2018 Економија

Австријците ќе можат да работат само четири дена во неделата

Австријците ќе можат да работат 12 часа дневно или само четири дена неделно доколку тамошниот парламент го изгласа предложениот договор меѓу владата и работодавците за либерализација на работното време.

- Се наоѓаме на пресвртница на организација на трудот која веќе не може да ги трпи крутите законски регулативи и потребно ѝ е послободно законско опкружување - истакна на парламентарната дебата за либерализација на работното време Рене Тричер од австриската Бизнис-конфедерација (Wirtschaftsbund Bundesleitung), која се залага за предложените измени на правилата на пазарот на трудот.

Тоа е здружение кое соработува со владејачката Народна партија на Себастијан Курц.

И по предложените измени ќе остане одредбата за максималното неделно работно време во Австрија од 60 часа. Од конфедерацијата велат дека идејата е подобро распоредување на работното време.

- Ова е ситуација во која сите добиваат. Компаниите ќе можат подобро и побрзо да реагираат на промените на пазарот. Вработените ќе можат подобро да ги усогласат професионалните и приватните обврски, а државата добива поконкурентна економија - истакнаа од конфедерацијата, истовремено повикувајќи ги компаниите што повеќе да се договараат со нивните работници за работното време, а помалку да ги применуваат крутите законски одредби.
 
По овој повод, австриската влада им гарантираше на синдикатите дека работниците ќе можат да го одбијат предложеното работно време ако не е договорено со основната законска рамка. Исто така, според уверувањата на владата, работниците ќе можат да побараат работните часови по нормалното работно време да се пишуваат и да се плаќаат како прекувремена работа и дека ќе можат да бараат слободен ден за прекувремена работа.

Лидерот на австриските социјалдемократи, Кристијан Керн, го критикуваше договорот меѓу владата и работодавците за флексибилно работно време како дел од лош компромис во рамките на владејачката коалиција. Според Керн, ова не е договор кој ги задоволува реалните потреби на пазарот на трудот. Социјалдемократите порачуваат дека австриските работници работат многу, квалитетно и посветено и дека проблемот со конкурентноста не е на таа страна, а особено не е во премалиот број работни часови. Тие посочуваат на проблемите со кои може да се соочат работниците што патуваат по неколку часа за да стасаат на работното место.

Од конфедерацијата ги отфрлаат критиките на социјалдемократите и тврдат дека либерализацијата на работното време доаѓа со намалување, а не со зголемување на работното време. Целта е, велат австриските работодавци, работната недела да биде максимум 40 часа, односно да се работи помалку, а поквалитетно. Тие предупредуваат дека законската регулатива мора да води сметка за одржливоста на новите работни места, а не да ги гледа краткорочните движења на пазарот на трудот.
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Економија