Две до три шолји кафе дневно може да го намалат ризикот од депресија и анксиозност, но надминувањето на оваа количина може да има спротивен ефект, покажува ново истражување.
Истражувањето објавено во научното списание „Журнал оф афектив дизордерс“ открива дека консумирањето две до три шолји кафе дневно е поврзано со помал ризик од нарушувања на расположението и стресот, како што се депресијата и анксиозноста.
Меѓутоа, внесувањето помалку од оваа количина не носи забележливи придобивки за менталното здравје, додека повеќе од три шолји дневно може да доведе до зголемена анксиозност и нарушен сон, со што се поништуваат позитивните ефекти.
- Ова истражување потврдува дека умереното консумирање е „златната средина“, што се совпаѓа со општите препораки за внесување кофеин. Кога ќе ја надминете таа граница, почнуваат да се појавуваат негативни несакани ефекти како нарушен сон, нервоза или зголемена анксиозност, особено кај луѓето чувствителни на кофеин - објаснува нутриционистката Морган Л. Вокер.
Истражувањето покажало дека генетските разлики во брзината на метаболизирање на кофеинот не влијаеле врз конечните резултати, додека биле забележани мали разлики меѓу половите, при што заштитниот ефект бил нешто поизразен кај мажите.
Кафето може да биде дел од здравата рутина доколку се консумира умерено
Интересно е што резултатите биле доследни без оглед на видот на кафето, вклучително и кафето без кофеин. Вокер истакнува дека тоа укажува на можноста дека за позитивните ефекти не е заслужен само кофеинот, туку и други состојки на кафето, како антиоксидансите и биолошки активните соединенија.
Професорката и раководителка на истражувањата по клиничка исхрана на Универзитетот „Џонсон и Вејлс“, Лучијана Соарес, напоменува дека истражувањето било од набљудувачки карактер. Тоа значи дека покажува поврзаност, но не докажува директна причинско-последична врска.
- Резултатите треба да се гледаат во поширок контекст. Истражувањето не ги опфаќа целосно другите важни фактори, како целокупната исхрана, сонот, справувањето со стресот и физичката активност, кои имаат значително поголема улога - додава Вокер.
Во практика, овие наоди потврдуваат дека кафето може да биде дел од здравата рутина доколку се консумира умерено, но поголемата количина не значи и поголема корист. Индивидуалната чувствителност на кофеин и понатаму игра клучна улога.
Извор:
Klix.ba
Фото: Magnific