X
 19.10.2023 Наука

Што се случува со нашето ментално здравје ако гледаме слики и видеа полни со насилство?

Изминатава недела конфликтот меѓу Израел и Појасот Газа е главна вест во медиумите. Кога ќе го вклучите телевизорот или ќе се најавите на која било социјална мрежа, ќе се соочите со низа ужасни наслови.

Секако дека е важно да останете информирани, но гледањето премногу слики и видеа полни со насилство можат да имаат негативно влијание врз вашето ментално здравје.

Изложеноста на масовно насилство преку медиумите може да ги вознемири гледачите кои наместо да се дистанцираат од штетната содржина, уште повеќе ја консумираат, покажа неодамнешно истражување.

- Ништо добро не му се случува на вашиот мозок кога гледате насилни слики - вели Илијан Иванов, професор по психијатрија на Медицинската школа „Икан“ на Синајската Гора.

За луѓето што доживеале траума или имаат нарушувања на расположението, ефектите можат да бидат активирачки.

- Луѓето со одредено ниво на анксиозност може да стравуваат што ќе се случи следно бидејќи ситуацијата е толку неизвесна - вели тој.

Секогаш постои чувство како: „Што друго може да се случи? Ќе се случи нешто страшно“. Сепак, постојат начини како да гледате вести, а притоа да го заштитите вашето ментално здравје.

1. Изберете сигурни извори

- Мудро изберете. Идентификувајте ги изворите на вести кои се сигурни и доверливи. Изберете два, можеби три извори - вели Алисон Холман, професорка по психолошки науки на Универзитетот во Калифорнија. Холман истражува траума и медиумска изложеност.

2. Ограничете го времето на гледање вести

Не треба да трошите многу часови за да бидете информирани.

- Издвојте време во денот и речете си: „Ќе потрошам 15-20 минути читајќи за тоа што се случува за да знам што се случува - вели таа.

3. Изберете зборови, а не фотографии

- Фотографиите ни влијаат многу повеќе од читањето текстови бидејќи 80 отсто од информациите што мозокот ги прима доаѓаат од визуелните знаци - вели Иванов.

- Се случуваат многу лоши работи. Дали треба да гледам како умираат илјадници луѓе? Се разбира дека не. Нема потреба детално да се гледа за да се разбере колку е страшна ситуацијата - додава тој.

4. Обрнете внимание на вашето тело

Потребите и капацитетите на сите се различни. Често вашето тело ќе ви каже кога е време да престанете со читање и да направите нешто друго.

- Дали почнувате да чувствувате напнатост во вратот или рамената? Дали вашето дишење станува поплитко? Обрнете внимание на сигналите што ви ги праќа вашето тело. Можете да препознаете што ве поттикнува и зошто имате силна реакција - вели Холман.

5. Опуштете се


Погрижете се да го исполните остатокот од денот со активности кои ви носат радост или релаксација.

- Најдете нешто друго да правите. Најдете задоволство во некоја активност. Што и да ви помага да го обработите она што го читате и гледате.

- Само не дозволувајте да следите вести од утро до мрак - вели Холман.

Извор: CNBC
Фото: Pixabay
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука