X
 19.11.2021 Здравје

Првиот потврден случај на ковид-19 била продавачка на пазарот во Вухан

Првиот потврден случај на ковид-19 со симптоми била продавачка на морска храна на пазарот во Вухан, покажува нова анализа. Според истражувачите, првата пациентка со ковид-19 работела на пазарот „Хуанан“ во кинескиот град и почнала да покажува симптоми на 11 декември 2019 година.

Мајкл Вороби, експерт од Универзитетот на Аризона, за „Индепендент“ вели дека биле регистрирани повеќе случаи со симптоми на пазарот, особено во делот каде што се чувале вид ракуни. Ова претставува силен доказ дека коронавирусот се појавил на пазарот, според Вороби.

Претходно, првиот официјален потврден случај на ковид-19 бил на 41-годишен сметководител кој живеел 30 километри од пазарот, но се чини дека тој заболел многу подоцна од она што се сметало претходно. Сметководителот открил дека симптомите на ковид-19 почнале на 16 декември, наместо на 8 декември како што претходно било пренесено. Тој имал проблем со забите на почетокот на декември и се сомнева дека се заразил со ковид-19 во болница или во јавен превоз.


Фото: Pixabay

Во новата анализа се разгледувале случаи на мистериозна пневмонија според скенирања на белите дробови на пациентите. Во тој период здравствените власти во Кина биле известени за случаите и до 1 јануари пазарот бил затворен и дезинфициран.

Според Вороби, властите требало да земат примероци од животни во близина на пазарот во тој период, но бидејќи не било сторено тоа, можеби никогаш нема да се дознае како коронавирусот бил пренесен од животните на луѓето.

Кинески истражувачи собрале стотици примероци по откривањето на коронавирусот, но не се знае колку животни биле тестирани.

Претходно тим на Светската здравствена организација заклучи дека коронавирусот веројатно се префрлил од животно на човек, а теоријата дека коронавирусот бил пуштен од лабораторија е многу неверојатна.

Извор: Independent
Фото: Pixabay
Подготвил: Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Здравје