X
 19.12.2018 Живот

Поучна приказна - само времето знае колку е важна љубовта

Многу одамна постоеше остров на кој живееја сите чувства: среќата, тагата, љубовта и сите други. Еден ден на чувствата им беше соопштено дека островот ќе потоне и дека тие мора да го напуштат за да се спасат.

Љубовта беше последната што остана на островот. Таа сакаше да издржи до последниот момент. Но кога островот почна да тоне, одлучи да побара помош.

Љубовта прво ја здогледа алчноста како го напушта островот. Кога љубовта ја замоли да ја поведе со себе, алчноста ѝ одговори: „Жал ми е, но не можам да те земам, мојот брод е полн со злато, сребро и други скапоцености. Нема место за тебе“.

Потоа помина и самобендисаноста, и кога љубовта ја замоли за превоз, таа ѝ одговори: „Извини, не можам да ти помогнам, ти си целата мокра и можеш да го оштетиш мојот прекрасен брод“.

Во близина беше и тагата. Па љубовта во очај побара рака за спас и од неа, но тагата меланхолично одговори: „Ох... премногу сум тажна, сакам да бидам сама“.

Среќата беше толку еуфорична, што дури не ги ни слушна молбите на љубовта.

Наеднаш љубовта слушна еден глас „Дојди, јас ќе ти помогнам“, тоа беше еден старец. Љубовта беше толку среќна и возбудена, што дури не стигна да го праша старецот за неговото име.

Кога пристигнаа на копното, секој си тргна по својот пат. Љубовта тогаш сфати колку многу му должи на старецот, па се обрати до еден друг старец - знаењето. Знаењето ѝ кажа на љубовта дека нејзиниот спасител е времето.

„Времето?“ зачудено праша љубовта. „Зошто времето би ми помогнало мене?“

Знаењето се насмевна и на лицето му заигра длабока мудрост

„Бидејќи само времето може да разбере колку е важна љубовта“.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот