Три први и три трети места освоени само во 2025 година во натпревари по стрелаштво, а беше и единствениот македонски претставник во неговата категорија - 10 метри воздушна пушка мажи на Младинските олимписки игри EMOF.
Веќе петта година по ред на регионалните и државните натпревари по стрелаштво, прво како основец, а сега и како средношколец, освојува златни медали. Вања Арсиќ, ученик во гимназијата „Јосип Броз-Тито“ од Битола, на годинашното државно првенство за основни и средни училишта, кое на 28 ноември се одржа во Скопје, победи во категоријата средни училишта – мажи, во дисциплината 10 метри воздушна пушка, освојувајќи го петтото злато.
Мора многу да се вложува во спортот
- Прецизноста, дисциплината, исхраната и посветеноста се многу значен фактор за успех во овој спорт. Но, исто така, мора да се напомене дека поседувањето квалитетна опрема, оружје и муниција, добар тренер, семинари, добар тим (иако е индивидуален спорт), малиот круг на луѓе што се покрај тебе да ти помагаат и да те поддржат се клучен фактор за целосен успех - вели Арсиќ.
За еден од најзначајните успеси во досегашна кариера го смета учеството на Младинските олимписки игри - EMOF 2025 каде што беше единствен претставник од Македонија во категоријата 10 метри воздушна пушка-мажи. Покрај петкратните први места на регионалните и државни натпревари, годинава освои и две први места на натпреварот „Open Macedonia“ во Прилеп и на Меѓународен турнир „Илинден“.
Ова беше успешна година за Арсиќ, на листата со постигнати резултати за 2025 ги запиша и трите трети места на „Шестиот стрелец-куп 2025“ во Скопје и на два меѓународни турнири во Кавадарци. Досега најдобар постигнат резултат му е 616,3 круга.
Активно тренира пет години и ниже успех за успех
- Со стрелаштво активно почнав да се занимавам на 11 години, а пресудни за тоа беа, пред сѐ, љубовта и предизвикот што бара концентрација, контрола, прецизност и дисциплина - вели Арсиќ.
Тренира во Градскиот стрелачки клуб „Пелистер“ во Битола користејќи го стрелиштето на клубот за кое вели дека има сосема солидни услови.
-Тренерите на ГСК „Пелистер“ многу ми помагаат во тренинзите, за што сум им бескрајно благодарен, но преку соработка со тренери, врвни стрелци, ментори, од другите клубови од Македонија, како и од соседните земји, добивам голем дел од искуствата и знаењата што ги применувам - вели Арсиќ.
Покрај квалитетните тренери, успехот се должи и на напорните и редовни тренинзи.
-Тренинзите се комплексна работа бидејќи не се состојат само од активности во стрелиштето каде што обично поминувам од два до три часа три пати неделно, туку и надвор од стрелиштето каде што правам кондициони и вежби за фокус и концентрација. Исто така, да напоменам дека кога имам важни натпревари, тренирам секојдневно, дури и по два пати на ден - вели младиот стрелец.
Недостига стручен кадар, а опремата и оружјето ги набавуваат од странство
Моментално користи воздушна пушка фајнверкбау 900алу (Feinwerkbau 900alu), но посочува дека стрелците тешко доаѓаат до оружје и муниција зашто мора да ги набавуваат од странство.
-Можам да кажам дека има доста работи што недостигаат, но би издвоил: недостиг на стручен кадар за работа со стрелците, немање продавници за спортско-стрелачка опрема, оружје и муниција, за што сме принудени да вршиме набавки од странските земји преку Македонската спортска стрелачка федерација, а чекањето може да потрае дури и до половина година, како и недоволен број семинари и турнири од областа на спортското стрелаштво - вели Арсиќ.
Тој додава дека благодарение на заложбите на претседателот на Македонската спортска стрелачка федерација, Јордан Тасевски, ова станува сѐ попримамлив спорт меѓу младите. Доказ за тоа е сѐ поголемиот број на учесници на регионалните, државните и меѓународните натпревари.
Фото: приватна архива
Оваа содржина е заштитена со авторски права. Фотографиите се од сопствени извори или од платени сервиси. Секоја употреба, копирање, преземање, репродукција или дистрибуција, целосна или делумна, без претходна писмена дозвола од редакцијата, е строго забранета и подлежи на законска одговорност. Бесплатно преземање е можно само на првата третина од текстот, со јасно наведен извор и линк до изворниот текст во првата реченица. Факултети.мк ги почитува професионалните/етичките стандарди, Кодексот на новинарите и Принципите на Меѓународната федерација на новинарите.