Нашиот генијалец Јан Стојановски, денес го освои првиот златен медал за Македонија на 8. Европската олимпијада по физика која од 15 до 19 јули 2024 година се одржува во Кутаиси, Грузија, објавија од Друштвото на физичарите на Република Македонија.
-Честитки за Јан за кој ДФРМ не се сомневаше дека ќе го донесе првото историско злато од оваа олимпијада, имајќи ги предвид неговото знаење од физика како и досегашните освоени награди на олимпијадите по физика: сребрен медал на 7. Европска олимпијада по физика минатата година во Хановер, Германија, бронзениот медал на 53. Меѓународна олимпијада по физика одржана во Токио, Јапонија во 2023 година и златниот медал на 5. Балканска олимпијада по физика одржана во Никозија, Кипар во 2022 година. Од сè срце ти го посакуваме и златниот медал на Меѓународната олимпијада по физика која од 21 до 29 јули 2024 година ќе се одржи во Исфахан, Иран! - истакнаа од ДФРМ.
Оттаму додаваат дека на Олимпијадата, која завршува денес, покрај Јан Стојановски, кој е ученик во ПСУ „Јахја Кемал“, Скопје, награди за успешно учество (пофалници) добиле и
- Матеј Гелев, ученик во ПСУ „Јахја Кемал“ Скопје,
- Емилија Николовска, ученичка во Математичко- информатичката гимназија во Скопје и
- Димитриј Анѓеловски, ученик во СУГС „Јосип Броз Тито“ во Скопје.
Достојно ја престави својата држава и го покажа своето знаење на оваа олимпијада и Дамјан Стојанов, ученик во ПСУ „Јахја Кемал“ во Скопје.
Тимот го предводеа проф. д-р Ирина Петреска, редовен професор на ПМФ во Скопје и член на ДФРМ и м-р Христијан Кочанковски, асистент на ПМФ во Скопје и претседател на Комисијата за натпревари при ДФРМ.
На 8. Европска олимпијада која се одржа од 15 до 19 јули учествуваа 54 држави и тоа 36 држави од Европа и 18 држави надвор од Европа. Секоја од државите на олимпијадата имаше право да учествува со тим од 5 ученици.
Фото: ДФРМ