X
 04.02.2023 Живот

Писмо од иранска активистка во кое ја опишува бруталноста на која била подложена во затвор

Сепиде Колијан отслужува петгодишна затворска казна од 2018 година, кога била осудена за дејствување против националната безбедност поради поддршка на штрајк.

Пишувајќи од затворот „Евин“, таа го опишува бруталниот однос кон неа и другите затвореници од страна на затворските чувари. Нивните принудни признанија подоцна се емитуваат на државната телевизија.

- Во четвртата година во затворот конечно можам да ги слушнам чекорите на ослободување од целиот Иран - пишува таа, алудирајќи на актуелните антивладини протести што ја зафатија земјата.

- Одекнуваат зборовите „жена, живот, слобода“ низ дебелите ѕидови на затворот „Евин“ - пишува таа.

Колијан моментално студира право во затворот. Во своето писмо таа опишува како „културното“ крило од затворот, каде што полага испити, било претворено во зграда за мачење и испрашување и вели дека била сведок на испрашување на млади притвореници.

- Салата за полагање испити е полна со млади жени и мажи и се слушаат вресоци на оние што се измачувани - пишува таа.

Во писмото ја опишува и сцената на која била сведок на 28 декември 2022 година, додека ја носеле да полага испит.

- Ужасно е студено и врне снег, во близина на излезната врата од зградата, пред испитувачот седи момче со врзани очи, облечено во тенка сива маица со кратки ракави. Момчето се тресе и моли: „Се колнам во Бога дека никого не тепав“. Тие сакаат момчето да признае. Додека поминувам, викам: „Не признавај“ и „Смрт за вас тираните“.

Според новинската агенција „Борец за човечки права“, досега се убиени најмалку 519 демонстранти, меѓу кои 69 деца, а 19.300 се уапсени.

Иранците протестираат пред затворот за да ги запрат егзекуциите

Многумина од уапсените се соочуваат со смртна казна, а досега четворица демонстранти беа обесени откако нивните признанија беа прикажани на телевизија.

Активистите за човекови права и адвокати велат дека нивните судења се одржале без правно застапување и откако обвинетите биле мачени. Властите ги негираат овие тврдења.

Од почетокот на масовните протести во септември минатата година беа објавени десетици принудни признанија на приведените активисти.

Во своето писмо Сепиде Колијан се сеќава на сопственото испрашување и присилното признание во 2018 година, откако беше уапсена за поддршка на работничкиот штрајк и протест во фабрика за шеќер во иранската провинција Кузестан.

Таа кажува дека бил испрашувана од жена за која се надевала дека може да биде поблага со неа од другите испрашувачи и дека барем нема сексуално да ја нападне.

Сепак, нејзините надежи биле краткотрајни. Жената ја удрила по ногата и ја навредувала. Колијан вели дека жената ѝ ги одврзала очите и ѝ наредила да ги опише наводните сексуални односи пред камера. Колијан одбила да соработува.

Таа опишува дека по неколкучасовно испрашување, молела да ја однесат во тоалет. Кога стигнале до женскиот тоалет, испитувачката ја турнала внатре и ја заклучила. Тоалетот во кој била заклучена бил во просторијата за испрашување и можела да слушне како мачат и камшикуваат еден маж.

- Звуците на мачењето траеја со часови или можеби цел ден, а можеби и повеќе, изгубив чувство за време - пишува таа.

Објаснува дека откако била пуштена од тоалет, по три дена континуирано испрашување, била однесена во просторија каде што била поставена камера.

- Го зедов сценариото од неа и додека бев полусвесна, седнав пред камера и го прочитав - пишува таа. Така, врз основа на овие признанија била осудена на пет години затвор.

Во 2019 година ја препознала личноста што ја испрашувала додека гледала присилно признание на друг затвореник на телевизија. Во јавното писмо таа ја идентификувала како Аменех Садат Забихпур, испрашувачка-новинарка со врски во Корпусот на Исламската револуционерна гарда.

Во ноември 2022 година американското Министерство за финансии ја санкционира Забихпур за нејзината улога во добивањето и емитувањето принудни признанија од двојни државјани и други затвореници.

Забихпур ја тужеше Колијан, која доби дополнителна осуммесечна казна за нејзините наводи.

Колијан го завршува своето писмо опишувајќи ги протестите како „револуција“.

- Денес звуците што ги слушаме на улиците на Мариван, Изех, Рашт, Систан и Балучистан и низ Иран се погласни од звуците во собите за испрашување, ова е звукот на револуцијата, вистинскиот звук на жените, животот, слободата - пишува таа.

Извор: BBC
Фото: BBC
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот