X
 20.02.2019 Технологија

Социјална мрежа различна од другите - нејзината цел е да се исклучите од интернет

Основачот  на оваа платформа вели дека неговата мрежа е сосема различна од конкуренцијата - на неа нема инфлуенсери, ниту се важни лајковите, туку ги инспирира корисниците на креативност.

Поимот социјални мрежи ја изгуби својата смисла - наместо дружење и поврзување со пријателите, за многумина „Фејсбук“ и „Инстаграм“ станаа полигон за самопофалба. Овие платформи се користат за злоупотреба на други корисници, за инфлуенсерите повеќе не се важни следбениците и пријателите, туку само цифрите што можат да ги заработат, додека голем број луѓе, поради виртуелниот живот, го занемаруваат реалниот живот кој им поминува додека нивните погледи и мисли се фокусирани на екраните и лајковите.

pinterest
Фото: CNN


Една социјална мрежа сепак се издвојува по начинот на користење од повеќето други платформи, а тоа е „Пинтерест“. Според Бен Силберман, основачот на оваа мрежа на која се поставуваат фотографии, инфографици и слично, „Пинтерест“ е сосема различна од конкуренцијата и станува збор за еден вид антисоцијална мрежа. Целта на оваа платформа е да ги инспирира другите луѓе на креативност, а оваа креативност нема да ја изразат на интернет, туку офлајн - на пример, на „Пинтерест“ можете да пронајдете рецепти, идеи за венчавки, уредување на домот и слично.

Во центарот на мрежата е самиот корисник и неговите лични интереси, a на „Пинтерес“ нема инфлуенсери кои ги плаќаат брендовите за промоција на нивните производи и услуги. Исто така, не е важен бројот на следбеници или следењето на славни личности бидејќи „Пинтерест“ не е алатка за самопромоција, туку се врти околу корисниците и она што тие навистина го сакаат.

„Пинтерест“ е лансиран во 2010 година. Компанијата минатата година објави дека бројот на корисници пораснал на 250 милиони, што е голема бројка, но сепак помалку од конкурентните и попознати мрежи - „Фејсбук“ има 2,32 милијарди корисници, „Инстаграм“ повеќе од милијарда, а „Твитер“ околу 320 милиони. Силберман вели дека мрежата започнала како алатка за родители, но корисничката база за брзо време се проширила и сега содржината и „пиновите“ ги користат голем број креативни професионалци како бескраен извор на идеи и инспирации.

Силберман нагласува дека постојат многу работи што би можела компанијата да ги направи за да ја зголеми корисничката база, но тоа не би било во духот на „Пинтерест“. Компанијата е исклучително среќна што нејзините инвеститори и корисници ги препознаваат посветеноста и долгорочниот раст, а останува да се види дали тоа ќе се примени откако компанијата ќе излезе на берзата, што се планира годинава.
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Технологија