X
 20.02.2020 Живот

Како „брод-дух“ без екипаж цела година пловел по океаните

На бреговите на Корк во Ирска заринкал „брод-дух“, а го донела бурата „Денис“. Минувач го забележал напуштениот брод на карпите кај рибарското село Баликотон.

Изгледа бродот минал илјадници километри за повеќе од една година, од југоистокот на Бермудите во 2018 година, преку Атлантскиот Океан, до бреговите на Ирска.

- Ова е еден од милион такви - истакна локалниот шеф на спасителите, Џон Татан.

Шефот на Кралската национална институција за спасување во Баликотон изјави дека никогаш не видел нешто толку напуштено.

Која приказна се крие зад овој таинствен брод без екипаж?

Станува збор за бродот „Алта“, кој променил многу сопственици и имиња. Изграден е во 1976 година, а неодамна пловел под танзаниско знаме. Последен пат бил забележан од Британската кралска морнарица во септември 2019 година.

Сагата почнала една година порано, додека на бродот сѐ уште имало екипаж, а пловел од Грција кон Хаити.

Сѐ уште непознати проблеми на бродот довеле до прекин во напојувањето со електрична енергија и „Алта“ пловел по морето 20 дена, околу 2.100 километри југоисточно од Бермудите, соопшти Американската крајбрежна стража.

Само два дена пред екипажот да остане без храна, крајбрежната стража им ги доставила неопходните работи. Поради тоа што се приближувал ураган, спасителите одлучиле да ги извадат десетте члена на екипажот на оштетениот брод и да ги префрлат во Порторико.

- Моторното пловило „Алта“ останува напуштено на југоистокот на Бермудите, додека сопствениците се обидуваат да го спасат - истакна тогаш портпаролот на Бермудскиот поморски оперативен центар.

Што се случило потоа?


Делумно оштетен и без екипаж, бродот „Алта“ бил оставен да плови. Потоа, една година подоцна, во септември 2019 година, патролен брод на Кралската морнарица го забележал среде Атлантикот.

- Со големи напори бродот може да се среди, но неговата иднина е во рацете на други - напишаа на „Твитер“ од бродот „ХМС Протектор“, откако било утврдено дека на „Алта“ нема екипаж.

Кој е одговорен за бродовите-духови?

Оштетените бродови треба да бидат обврска на нивните сопственици, кои се одговорни и за наоѓање решение, смета директорот на крајбрежната стража на Ирска, Роберт Мекејб.

Сепак, ако се утврди дека таквото пловило претставува опасност, локалните власти можат да организираат извлекување.

- Не е вообичаено напуштен брод да плови 18 месеци. Тоа што е забележан само еднаш од октомври 2018 година покажува колку е голем океанот - вели тој.

Што е следно?

Нема видливо загадување околу бродот, утврдиле експертите за заштита на животната средина. За судбината на бродот ќе одлучува округот, но и ирската крајбрежна стража, додека Мекејб додава дека неговото извлекување би било скапо.

Извор: Би-би-си на српски
Насловна фотографија: Би-би-си на српски
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот