X
 06.06.2019 Живот

Венеција треба да избере меѓу пари од крузери и заштита на наследството

Крузерите се трн в око за многумина во Венеција, а претставуваат и потенцијален еколошки ризик. Но, Италијанците не се ни блиску до договор што да се прави со нив.

Неделниот судир во Венеција меѓу крузерот од 65.000 тони и многу помалиот брод, со четворица повредени, ја отвори и горката дебата за правилата во поморскиот сообраќај околу едно од најдрагоцените места на светот.

Одлуката за забраната е донесена, па суспендирана

Локалните активисти од одборот наречен „Не за големите бродови“ (No Grandi Navi) сакаат целосна забрана на крузерите.

- Градот и лагуната не се компатибилни со тие чудовишта. Не чекајте трагедија, запрете го тој срам - велат тие.

Прашањето за крузерите во Венеција е на дневен ред на италијанските политичари во последните седум години. Првите разговори за забрана започнаа по хаваријата на „Коста конкордија“ во 2012 година. Тогашната италијанска влада усвои забрана, но одлуката беше суспендирана додека не се отвори алтернативен правец за бродовите во Венеција. Политичарите на локално, регионално и национално ниво сè уште се препираат околу тоа.


Виновен е министерот за сообраќај?

Градоначалникот на Венеција, Луиџи Бруниаро, и претседателот на регионот Венето, Лука Заија, го обвинуваат министерот за сообраќај Данило Тонинели затоа што не го заживеал планот од 2017 година, според кој крузерите би биле подалеку од каналот Џудека, каде што се случи неодамнешната несреќа.

- Жал ми е што морам да го кажам тоа, но министерот Тонинели е одговорен за несреќата. Имавме демонстрација на она што се случува кога нема волја и одлучност за дејствување - истакна Бруниаро.

Според таканаречениот Бруниаро-Заија план, кој ја има поддршката од бродарите, бродовите со големина на „МСЦ Опера“ и понатаму би запирале во Венеција, но веќе не би можеле да минуваат покрај плоштадот „Свети Марко“ и останатите знаменитости, туку би пловеле по периферните канали. Според истиот план, уште поголеми бродови, на кои сега им е забрането да пловат во лагуната, би можеле да запираат во индустриското пристаниште „Маргери“, а крузерите со помала тежина би продолжиле да поминуваат низ Џудека, еден од најважните градски канали.


За изградба на заменски терминал ќе бидат потребни десетина години

Тонинели се залага за радикално решение и целосна забрана на сообраќај на крузери во венециските води. Тој би ги запрел на еден од трите терминали што треба да се изградат на влезот во лагуната. Во италијанската коалициска влада нема согласност. Движењето „Пет ѕвезди“ го поддржува својот министер Тонинели, а крајната десничарска Лига на потпретседателот на владата, Матео Салвини, мисли спротивно.

Дури и ако се биде според планот на Тонинели, тоа не може брзо да се спроведе. Бруниаро тврди дека се потребни десет години за да се изградат терминалите, а Заија додава дека и онака се технички неизводливи. Со толку препирања, конечното решение се чини дека е далеку.

- Во прашање се сигурноста на граѓаните и на туристите и зачувувањето на уметничкото и еколошкото богатство - вели професорот Енцо Дале Месе, инженер кој ја проучувал несреќата на „Коста Конкордија“.

Тој бара најрестриктивни правила и нагласува дека тоа е прашање на здрав разум во заштитата на градот и лагуната, дури и по цена на губење на илјадници работни места и приходи од сообраќањето на крузерите.

- Мораме да се запрашаме колку животи сме подготвени да жртвуваме во замена за неколку милиони евра годишно. И колку штета на уметничкото наследство можеме да прифатиме. Мојот одговор е нула - истакна професорот.
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот