Папата Франциск во 2018 година беше во посета на светилиштето Кнок каде што селаните виделе привидение од Дева Марија пред речиси 140 години.
Значењето на локалитетот датира уште од 21 август 1879 година кога Кнок било мало, рурално место.
- Во 8:30 часот 15 лица виделе светлина што доаѓала од парохиската црква, па се упатиле да видат за што станува збор - раскажува Марија Кејси, менаџер за маркетинг и комуникации во светилиштето Кнок.
- Тие ги виделе Богородица, св. Јосиф и св. Јован Евангелист заедно со јагне. Привиденијата траеле два часа - вели таа.
Вестите за привидението за брзо време се прошириле и била формирана истражна комисија за да се слушнат сведочењата на 15-те сведоци.
Подоцна местото станало познато по чуда. Набрзо по привидението 12-годишната Делија Гордон, која била глува и имала страшни болки, го повратила слухот откако парче цемент од ѕидот на црквата било ставено во нејзиното уво.
- Луѓето започнале да доаѓаат тука со надеж дека ќе најдат лек, па Кнок стана синоним за тоа. Тие доаѓаа на местото за да земат глина и света вода и да ја испратат во странство. Местото успеа да се развие низ годините бидејќи има уникатна приказна во смисла дека е единственото светилиште во светот каде што се појавило Божјото јагне - раскажува таа.
Се проценува дека 1,5 милион верници доаѓаат да го видат ова светилиште, на годишно ниво.
Папата Франциск ги следи стапките на неговиот претходник, кој го посетил светилиштето во 1979 година.
Папата изјави дека чувствува болка и срам поради неуспехот на
црквата да се справи со скандали поврзани со сексуалната злоупотреба на деца.