X
 20.03.2020 Живот

Како Хелсинки и Осло ги елиминираа сите смртни случаи на пешаци?

Ја ограничија брзината, го променија дизајнот на улицата, го отстранија просторот за автомобили и генерално им го отежнаа животот на возачите.  Сега се чини дека сето ова се исплати. Два од помалите главни градови во Европа, Осло и Хелсинки, го собираат плодот од извршените активности за да ги направат своите патишта побезбедни, доведувајќи го бројот на смртни случаи на пешаци на нула.

Хелсинки сега, првпат откако почнал да документира во 1960 година, не забележал смртни случаи, што е намалување на просекот од 20-30 луѓе годишно во 90-тите. И Осло не забележа смртни случаи на пешаци и велосипедисти во градот, со население од 680.000, а ниту едно дете под 16 години не починало во сообраќајна несреќа во целата земја.

Нордиските достигнувања го поставуваат прашањето: како тие успеаја да постигнат вакви драматични подобрувања?

- Политичарите во Осло избраа да го отежнат користењето на автомобилот. Потребно е повеќе време да се вози од едниот дел од градот до другиот, а сега мора и да платите многу повеќе отколку порано за да го користите патот - објаснува Кристофер Сулстад Стин од „Триг Трафик“, организација за безбедност на патиштата во Норвешка.

Во 2017 година имало зголемување од 70 отсто на патарините низ Осло според плановите предводени од Партијата за труд и Партијата на зелените, што доведе до намалување од 6 отсто на сообраќајот.

Исто така, се зголемиле и казните за паркирање за 50 отсто во центарот на Осло и 20 отсто во другите делови, иако илјадници паркинг-места сега се отстранети за да се направи простор за новата 56-километарска велосипедска патека.
Градот ја намали дозволената брзина до максимум 30 километри на час пред училиштата и почна со „срцеви зони“, каде што е забрането возење во области околу училиштата. Официјалните лица во Осло се надеваат дека ќе создадат 100 вакви зони во текот на наредните 4 години.

- Неколкумина се спротивставија на промените, особено кога станува збор за забрана на автомобили во одредени области во градот - вели Арилд Хермстад, заменик-градоначалник на Осло, одговорен за животна средина и транспорт. Сепак, тој смета дека кога луѓето ќе се навикнат на промените, ќе можат да ги согледаат придобивките.

oslo
Фото: Pixabay

- Кога тоа навистина ќе почне да се случува и луѓето ќе видат дека функционира, тогаш никој нема да сака да ги врати автомобилите на патиштата. Затоа, мислам дека сè повеќе луѓе гледаат дека ова всушност е добро за градот. Сакаме да го намалиме вкупниот сообраќај во Осло за 30 отсто до 2030 година. Тоа е тешко остварлива цел, но мислиме дека ќе биде добро за градот - рече тој.

Слични мерки за намалување на сообраќајот се користат и во Хелсинки, каде што ограничувањата на брзината се намалуваат со децении, а повторно беа намалени минатата година. Сега ограничувањето на брзината е 30 километри на час на повеќето улици на градот и во центарот на градот, а 50 километри на час на улиците во приградските населби и 40 километри на час на улиците во внатрешниот дел на градот.

- Секако, не станува збор само за ограничувањата на брзината, иако мислам дека сите наши специјалисти велат дека тоа е најважната мерка што влијае врз безбедноста во сообраќајот. Во последните неколку години, исто така, се фокусиравме на тоа како ја градиме уличната средина. Улиците се подобро поделени меѓу пешаците, патеките за велосипеди и автомобилите, а автомобилската патека не е најширока - вели Ани Синмејки, заменик-градоначалник за урбана средина во Хелсинки.

Заедно со потесните ленти за возење, Хелсинки исто така има изградено десетици кружни текови и има поставено лежечки полицајци уште од 90-тите, како мерка за намалување на брзината.

Пошироката слика низ Европа покажува огромна разлика во безбедноста на патиштата. Од 2015 до 2017 година просечниот број на смртни случаи на градските патишта во Велика Британија бил 10,9 на еден милион луѓе. Норвешка имала најмал просек од 5,3, додека во Финска изнесувал 16,9. Земјите со најголеми стапки на смртни случаи во градски сообраќај биле Романија со 105,2, Хрватска со 87,9 и Србија со 73,8.

Норвешка и Финска го имплементираа проектот „Визија нула“, што претставува сет на принципи и политики насочени кон елиминирање сериозни повреди и жртви во сообраќајот. Проектот ја префрла одговорноста за несреќата од корисниците на патиштата на дизајнерите на патниот систем - доколку се случи, надлежните треба да обезбедат тоа да не се повтори. Иницијативата е преземена низ целиот свет со различни нивоа на успех.

Но, целта не е постигната. Иако двата града не регистрираа ниту една жртва меѓу пешаците во 2019 година, во Хелсинки тројца возачи загинале во сообраќајни несреќи минатата година, додека во Осло загинал еден возач, како и еден пешак годинава.

Во Норвешка се обрнува внимание и на едукацијата за безбедност на патиштата во училиштата и се имплементира и потежок тест за возење.

- Со години наназад системот за едукација на возачите во голема мера се фокусира на безбедноста на патиштата. Исто така, се фокусира и на строги регулативи и правила за патишта што ја даваат приоритетната безбедност, можеби повеќе овде отколку во многу други земји - вели Хермстад.

- Лесно е да се оградиш од проблемите, но е потешко луѓето да разберат дека тоа е важно и на тој начин ќе бидат принудени да дејствуваат на посигурен начин. Не велам дека успеавме да ја постигнеме таа цел, но тоа е една од работите на кои се фокусираме во Норвешка многу години и веројатно е една од причините зошто ситуацијата се подобрува - вели Стин.

Извор: The Guardian
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот