Истражување на професорот Кирил Сотировски од Шумарскиот факултет од Скопје и неговиот соработник Бошко Цветковски покажа дека само на еден автоматски семафор за пешаци во Скопје има непотребно запирање на 2 милиона возила годишно
Скопје, еден од најзагадените градови во светот, нема семафорски системи со копчиња кои пешаците би ги притиснале за да се запали зелено светло. Овие семафори на пешачки премини, кои ги има во секоја европска земја, се одлично решение за непотребното запирање на возилата бидејќи автоматските семафори (со тајмер) не земаат предвид отсуство на пешаци. Ова решение би значело и помало загадување на воздухот и избегнување непотребен сообраќаен метеж.
Фото: Борче Поповски
Истражување на професорот Кирил Сотировски, декан на Шумарскиот факултет од Скопје, и неговиот соработник Бошко Цветковски покажа дека само на еден автоматски семафор за пешаци во Скопје има непотребно запирање на 2 милиона возила годишно. На годишно ниво во Скопје на 12 вакви семафори непотребно застануваат речиси 10 милиони возила. Сотировски и Цветковски дошле до заклучок дека и при најрестриктивни претпоставки за потрошувачката при лер и забрзувањето на возилата, има непотребна потрошувачка на 126.798 литри гориво. Со поголеми коефициенти се доаѓа до вкупна претпоставена непотребна потрошувачка од 373.253 литри гориво на овие 12 семафори.
Лошо менаџиран сообраќај - поголемо загадување
- Лошо менаџираниот сообраќај во градовите има директни негативни влијанија врз потрошувачката на гориво, а со тоа и врз емисијата на гасови од возилата и врз квалитетот на воздухот. Во нашето истражување се фокусиравме на пешачките премини со автоматски семафори (ППАС) во Скопје и ја анализиравме динамиката на сообраќајот кај нив. Нашата хипотеза беше дека има непотребно целосно запирање на возилата на овие семафори поради користењето автоматски (тајмер) семафорски систем кој не зема предвид отсуство на пешаци во одредени периоди - вели професорот Сотировски.
Во Скопје има 20 пешачки премини со автоматски семафори, а тие прибирале податоци од 15. Броеле непотребно застанување на возила кога нема пешаци што треба да ја преминат улицата, во сеанси од по 60 минути.
Нивното истражување покажало дека на 12 вакви семафори на годишно ниво во Скопје непотребно застануваат речиси 10 милиони возила.
- И при најрестриктивни претпоставки за потрошувачката при лер и забрзувањето на возилата, проектираме дека има непотребна потрошувачка на 126.798 литри гориво, додека со поголеми коефициенти се доаѓа до вкупна претпоставена непотребна потрошувачка од 373.253 литри - заклучуваат во истражувањето.
Локациите на семафорите што биле набљудувани
Тие им сугерираат на властите, особено на Градот Скопје, и без натамошни набљудувања и анализи, итно да инсталираат семафорски системи со копчиња за притискање по потреба на пешаците.
- Со активирањето на семафорите според реалните потреби за преминување на пешаците во голема мера ќе се намали воздушното загадување предизвикано од работа во место на возилата и нивно забрзување по целосно запирање. Ова не е скап систем и не би требало да е технички проблематичен за брза инсталација. Ова е важен начин за намалување на загадувањето на воздухот поврзано со сообраќајот во градот Скопје - вели Сотировски.
Во научниот труд пишува дека сообраќајните раскрсници се важни точки во однос на емисијата на загадувачи во воздухот поради големата варијабилност на брзината на возилата во нивната близина.
- Низ повеќе истражувања е докажано дека емисијата на штетни гасови од возилата близу раскрсниците многу зависи од брзината на возилата, од забавувањето, времето на чекање во лер при црвено светло на семафор, брзината на забрзување, бројот на возилата во колоната на чекање, протокот на сообраќајот и од временските услови. Сепак, најважна е констатацијата дека потрошувачката на гориво од возилата значи и зголемена емисија на штетни гасови - пишува во истражувањето.
Кое е решението?
Професорот Сотировски објаснува дека во Скопје постојат пешачки премини (исклучително за пешаци, неврзани со крстосници) регулирани со автоматски семафори на кои возилата застануваат поради светлосна сигнализација (црвено светло за возила) кога на тие премини воопшто нема пешаци. Затоа, во ова истражување се фокусирале на добивање релевантни податоци и нудат решенија за подобрување на протокот за сообраќајот.
- Бидејќи емисиите на штетни гасови на возилата во воздухот се директно зависни од потрошувачката на гориво, тргнуваме од претпоставката дека при секое непотребно застанување има непотребна потрошувачка на гориво. Освен за времето поминато во лер (време на чекање зелено светло), возилата имаат зголемена потрошувачка при забрзувањето, а во урбана средина тоа забрзување се однесува на рангот од 0 km/h (стоење в место) до некоја брзина за просечно градско возење (за потребите на ова истражување калкулиравме со минимална проекција, 30-50 km/h) - објаснува професорот Сотировски.
Фото: Борче Поповски
Истражувањето е изведено во периодот од 2 септември до 29 декември 2018 година.
- Во Скопје се случуваат голем број непотребни целосни застанувања на возила на ниво на ден, и на ниво на година, кои се причина за непотребна потрошувачка на гориво и придонесуваат во емисијата на штетни гасови од возилата. Овој навидум мал волумен на непотребно потрошено гориво по возило при застанување, пресметано на ниво на подолги периоди и на ниво на вкупна популација на возила, станува огромно количество гориво кое е непотребно потрошено од урбаниот сообраќај - се вели во истражувањето.
Инаку, најголем број непотребни запирања за еден час се регистрирани на семафорот на бул. „Теодосиј Гологанов“ - 413 лесни и 9 тешки возила. Со многу голем број непотребни запирања е и еден од семафорите на бул. „Илинденска“. Во секоја сесија од по еден час изнесува над 100 возила.
- Слободни сме да сугерираме воведување на евтин систем на „копче“ за активирање на семафорите од пешаците (push-button traffic light), по нивна потреба. За многу кратко време ќе се постигнат ефекти, не само во заштеда на гориво, а со тоа и намалување на емисијата на штетни гасови од сообраќајот, туку ќе се анулира и времето на непотребно чекање на возилата на таквите семафори и ќе се подобри
динамиката на проток на возила во сообраќајот - вели професорот Сотировски.