X
 20.03.2021 Наша тема

Замавни, скрши и ослободи се од негативната енергија. Отворена првата антистрес-соба во Македонија

Во антистрес-собата се почитуваат утврдени правила, меѓу кои се и оние за заштита на здравјето во време на пандемија

Дојдете, скршете, ослободете се од негативната енергија, а ние потоа ќе се погрижиме за рециклирање! Со оваа порака ќе ве пречекаат во првата отворена антистрес-соба во земјава. За во „Smash it up“ не се потребни посебни вештини. Ќе добиете заштитна опрема, палка или чекан и ќе изберете што ќе кршите - соодветна техника, керамика, стакло и сантарии... Зад идејата за антистрес-собата стои Горан Бошковски од Скопје, кој се охрабри да почне свој бизнис иако е пандемија.
Тој потенцира дека за поводите и причините за стресот, може да се разговара со стручни лица.
- „Smash it up“ e место каде што може да се ослободите од лутина или од негативната енергија на уникатен начин. Се разбира дека не е единствен, но секако е забавен избор - вели Горан.


Горан Бошковски

Се охрабрив да започнам свој бизнис иако е пандемија

Првата антистрес-соба е отворена во Јапонија пред повеќе од 15 години, но овој начин на ослободување од бесот, кој според некои угледни т.н. револуционерни клинички психолози е еден вид терапија, вели Бошковски, е најпопуларен во Америка и во Аргентина. Вакви соби има и во некои европски земји, а од земјите во регионот, антистрес-соби има само во Србија.

По кусо истражување, Горан заклучил дека кај нас нема вакво нешто.
- Иако е ризично да се започне бизнис во време на пандемија и економска криза, сепак, се охрабрив да влезам во приказната. Моeто семејство одигра клучна улога и со помош на нивната експертиза, успеав да подготвам бизнис-план. Ги следев повиците за започнување сопствен бизнис и претприемништво, па во април минатата година аплицирав на повикот објавен од ПСМ-фондацијата. Имаше над 60 апликации, па по пат на селекција бев избран и добив неповратен грант, кој наменски го потрошив за сето ова - ја започнува Горан својата бизнис-приказна.


Фото: Борче Поповски

Тој потенцира дека соработката со стручни лица и консултанти продолжила и понатаму со цел исползување совети како да се плива во претприемачките води, па затоа и ги охрабрува сите млади претприемачи да не се двоумат да побараат поддршка во својата одлука за започнување бизнис.

Клиентите најчесто се задржуваат од 10 до 20 минути

„Smash it up“  засега нуди два пакета за своите клиенти - индивидуален пакет и тандем-пакет. Во индивидуалниот пакет корисникот добива 15 предмети за кршење, од кои 10 мали, четири средни и еден голем предмет. Во тандем-пакетот, кој е наменет за две лица, клиентите добиваат меѓу 25 и 30 предмети.
- Клиентот закажува и платќа онлајн преку веб-страницата smashitup.mk. Откако ќе дојде кај нас му ги објаснуваме правилата на однесување, по што потпишува изјава за согласност. Потоа ја облекува заштитната униформа, која се состои од јакна, панталони, ракавици, шлем со визир, кондури или чизми со соодветна заштита, за да не се повреди при самото кршење или при газење врз стаклото и керамиката. Штом се облече, влегува во собата, која претходно е исчистена. Му кажуваме дека може да се снима со сопствениот мобилен телефон, но дека тоа е на негова одговорност. Мораме да нагласиме дека безбедноста е на високо ниво. Ризикот од повреди е сведен на минимум - појаснува Горан.


Фото: Борче Поповски

Од досегашното искуство, тој вели дека клиентите обично се задржуваат од 10 до 20 минути во собата.

-Излегуваат насмеани - вели Горан.

Што сè се крши?


Во антистрес-собата се крши стакло, кујнски прибори, керамички производи, односно плочки и санитарии, како и веќе рециклирана стара и соодветна ИТ и електронска опрема. Горан вели дека стаклото се рециклира, а деновиве истражува дали може керамиката, санитариите и плочките да се мелат и во форма на рециклиран песок да најдат своја примена понатаму.


Фото: Борче Поповски

- Се надевам дека наскоро ќе го воведеме и пакетот со кој луѓето ќе можат да си носат предмети од дома кои би ги кршеле овде. Секако, тука ќе спаѓаат керамички производи, како и чисто стакло без остатоци од храна или пијалак, за потоа полесно да оди процесот на рециклирање на стаклото. Има правила за тоа што може да се крши, безбедноста мора да биде на прво место. Исто така, клиентите понатаму ќе можат да одбираат предмети што сакаат да ги кршат - додава Горан.


Фото: Борче Поповски

Строго почитување на протоколите

Во антистрес-собата се почитуваат утврдени правила, меѓу кои се и оние за заштита на здравјето во време на пандемија. При влез се мери телесната температура на клиентите, им се земаат податоци, тие добиваат заштитна маска за една употреба, заштитни ракавици, како и заштитни очила... Горан вели дека опремата што се користи се дезинфицира по секое користење.
- Не може да се случи една иста униформа, откако ја носело едно лице, да ја облече друго. Униформите задолжително се перат и се дезинфицираат по секое користење. Просторот редовно се дезинфицира, се чисти и се проветрува - додава Горан.



Услугите може да ги користат само полнолетни лица. Ако се случи да дојде малолетно лице, парите за резервација ќе му бидат вратени.



Во план е наскоро на секој клиент да му се овозможи да си ја пушти омилената музика додека се ослободува од негативната енергија.
Подготвил: Антонија Поповска / antonija.popovska@fakulteti.mk

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема