X
 20.03.2024 Живот

Само во овие седум земји во светот луѓето дишат чист воздух

Само седум земји ги исполнуваат меѓународните стандарди за квалитет на воздухот, додека смртоносното загадување на воздухот се влошува поради обновувањето на економската активност и токсичните ефекти од чадот од шумските пожари, покажа новиот извештај.

Од 134 земји и региони опфатени во извештајот, само седум, Австралија, Естонија, Финска, Гренада, Исланд, Маврициус и Нов Зеланд ги исполнуваат упатствата на Светската здравствена организација (СЗО) за ситни честички во воздухот што ги испуштаат автомобилите, камионите и индустријата.

Мнозинството земји не го исполнуваат стандардот за PM2,5, вид микроскопски честички помали од широчината на човечко влакно, кои при вдишување може да предизвикаат огромен број здравствени проблеми и смртни случаи, според извештај на „Ај-кју-ејр“, швајцарска организација за квалитет на воздухот која црпи податоци од повеќе од 30.000 мерни станици низ светот.

Иако воздухот во светот е генерално многу почист отколку што беше во поголемиот дел од минатиот век, сè уште има места каде што нивото на загадување е особено опасно. Најзагадената земја, Пакистан, има нивоа на ПМ2,5 14 пати повисоки од стандардот на СЗО, покажа извештајот на „Ај-кју-ејр“, а следните најзагадени земји се Индија, Таџикистан и Буркина Фасо.

Но, дури и во богатите земји кои брзо се развиваат, загрозен е напредокот во намалувањето на загадувањето на воздухот. Канада, која долго време се сметаше за една од земјите со најчист воздух во западниот свет, стана најлоша за PM2,5 минатата година поради рекордните шумски пожари што ја опустошија земјата, испраќајќи токсични честички низ целата земја и во САД.

Во меѓувреме, во Кина подобрувањето на квалитетот на воздухот минатата година беше попречено од закрепнувањето на економската активност по ковид-пандемијата, а извештајот покажа зголемување од 6,5 отсто на нивоата на ПМ2,5.

- За жал, работите одат неколку чекори наназад. Науката е прилично јасна за ефектите од загадувањето на воздухот, но ние сме толку навикнати да имаме нивоа на загадување кои се премногу високи за да бидеме здрави. Не се приспособуваме доволно брзо - вели Глори Делфин Хамес, извршна директорка на „Ај-кју-ејр“ за Северна Америка.

vozduh
Фото: IQAir

Се проценува дека загадувањето на воздухот убива околу 7 милиони луѓе во светот секоја година, што е повеќе од сидата и маларијата заедно, а товарот најмногу се чувствува во земјите во развој кои се потпираат на нечисти горива за греење, осветлување и готвење.

Најзагаденото урбано подрачје во светот минатата година беше Бегусараи во Индија, покажа шестиот годишен извештај на „Ај-кју-ејр“, а Индија е дом на четири од најзагадените градови во светот. Сепак, голем дел од светот во развој, особено земјите во Африка, немаат сигурни мерења за квалитетот на воздухот.

СЗО ги намали своите насоки за „безбедни“ нивоа на PM2,5 во 2021 година на пет микрограми на кубен метар, а според таа мерка многу земји, како оние во Европа кои значително го исчистија воздухот во последните 20 години, не ги задоволуваат критериумите.

Но, дури и овие построги упатства можеби нема целосно да го решат ризикот од загадувањето на воздухот. Истражувањето објавено минатиот месец од американски научници покажа дека не постои безбедно ниво на PM2,5, а дури и најниската изложеност е поврзана со зголемени хоспитализации за состојби како што се срцеви заболувања и астма.

Хамес рече дека земјите треба да дејствуваат за да ги направат нивните градови попроодни и помалку зависни од автомобили, да ги променат практиките на шумарството за да го намалат влијанието на чадот од шумските пожари и побрзо да ја прифатат чистата енергија наместо фосилните горива.

Ејдан Фароу, виш специјалист за квалитет на воздухот во Гринпис интернешнл, рече дека е потребно и подобро следење на квалитетот на воздухот.

- Во 2023 година загадувањето на воздухот остана глобална здравствена катастрофа. Глобалната база на податоци на „Ај-кју-ејр“ обезбедува важен потсетник за потребата да се имплементираат многуте решенија што постојат за овој проблем - рече Фароу.

Извор: The Guardian
Фото: Freepik
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот