X
 20.05.2021 Наша тема

Доц. д-р Симона Богоевска: Преку Градежен факултет до награден докторат во Германија

Убедена сум дека највредните резултати доаѓаат тогаш кога соочувањето со новите предизвици се користи како поттик за излез од веќе освоената „сигурна зона“, вели доц. д-р Симона Богоевска

Д-р Симона Богоевска е доцент на Градежниот факултет на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“. Неодамна го одбрани својот докторат со највисоката оценка (summa cum laude) на Рур-Универзитет - Бохум во Германија, за кој ја доби и престижната награда на ,,Prof. Zerna“ за најуспешно докторско истражување на Универзитетот во 2020 година. Во моментов, како наставник на Катедрата за теорија на конструкции и компјутерска анализа, предава предмети од областа анализа и мониторинг на конструкции.
Во ова интервју за Факултети.мк таа зборува за личните предизвици, искуството со докторските студии во развиената европска земја, во коja високото образование има долга традиција. Зборуваме и за можностите што ги нуди нашиот Градежен факултет за младите што планираат да се занимаваат со оваа професија.


Изложба во Гасометар Оберхуасен, Германија: „Почеток на докторатот, чиниш цел свет натежнал на твоето теме“, вели Богоевска

Докториравте со највисоката оценка на еден од првите 500. универзитети според Шангајската листа. Какво е чувството да се биде најдобро оценет од врвни професори?

- Бидејќи верувам во моќта на процесот во кој крајната цел постојано се поместува и е практично недостижна, и тоа не само во контекст на личното усовршување во образованието, туку и во сите сегменти на секојдневното дејствување, задоволството од постигнатите резултати произлегува само по себе. Никогаш неоптоварено од квантитативните вреднувања на веќе оствареното, туку многу повеќе како одговорност за уште поголем влог во идните успеси. Убедена сум дека највредните резултати доаѓаат тогаш кога соочувањето со новите предизвици се користи како поттик за излез од веќе освоената ,,сигурна зона“. Поконкретно, во мојот случај, докторското истражување отвори низа нови предизвици. Навлегување во една современа и многу специфична истражувачка област, престој и работа во комплетно нова средина, создавање меѓународна професионална мрежа на соработка, лични пријателства, нови искуства и она што е можеби и најзначајно за една млада личност - градење чувство на самодоверба.


Одбрана на докторатот

Колку години истражувавте, односно колку време траеја докторските студии и која беше Вашата тема на која бевте фокусирани?

- Со моите докторски студии започнав во 2012 година. Благодарение на воспоставената мрежа на успешна соработка SEEFORM (дел од германската програма за поддршка на образованието DAAD), која традиционално ја негуваше Градежниот факултет, односно Катедрата за теорија на конструкции и компјутерска анализа со повеќе германски универзитети, имав одлична можност, како помлад асистент, докторските студии да ги реализирам надвор од нашата држава, односно во една од најразвиените земји во Европа и во светот. Истражувачкиот процес успешно се комплетира во 2019 година, под менторство на проф. д-р Рудигер Хофер (Рур-Универзитет во  Бохум, Германија), проф. д-р Елена Думова-Јованоска (Универзитет „Св. Кирил и Методиј“ - Скопје) и проф. д-р Елени Хаџи (Универзитет ЕТХ Цирих, Швајцарија).
Темата на истражување е од областа на вибрациите и динамичкото однесување на конструкциите, од една страна, и практична апликација на математички алатки за анализа на временски записи кои имаат таква (динамичка) природа, од друга страна. Поконкретно, со помош на мрежа од сензори поставена на објектите, континуирано прибирање податоци и примена на современи математички алгоритми за нивна анализа, се следи состојбата и „здравјето“ на конструкциите во период на нивната експлоатација. Од денешна перспектива чувствувам уште поголемо задоволство од изборот на областа на истражување бидејќи станува збор за многу современа тема, нова и за нашата професија генерално, а особено за нашите простори. Станува збор за нов мултидисциплинарен приод во анализата на постојната градежна инфраструктура (од типот на конструкции на брани, мостови, тунели, ветерници и слично) и доближување на области од систем-идентификација, анализа на сигнали и друго, кои досега се користеле повеќе во други гранки на инженерските професии, а сега полека започнуваат да добиваат место и во градежништвото.

Дали тоа што во Германија појдовте со знаење стекнато на Градежниот факултет беше доволно добра подлога за понатамошното надградување во однос на образованието?

- Ќе бидам неискрена ако не наведам дека на нашиот образовен систем му недостига сериозна, или да се изразам градежнички - темелна реформа. Темата е актуелна и во моментов повеќе насочена кон другите нивоа на образование, но се надевам дека тоа не значи дека сме задоволни со квалитетот на високото. Затоа што образованието е како еден бескраен синџир. За да биде моќно, мора сите алки да бидат квалитетни и, се разбира, на број. Секоја создадена празнина ја деконструира целината која е најважен предуслов за личниот и општествениот развој. Потребна е навистина широка и длабока анализа за тоа како да се коригираат многуте недостатоци и во високото образование. Од начинот на финансирање, до критериумите за напредување, но и одржување на стекнатите наставно-научни звања, условите и критериумите за студирање, поставување трајни и издржани стратегии за развој и многу друго... Можеби добрата вест е во тоа што со личниот влог - исклучително сериозниот приод кон учењето и континуираното совладување на обврските на нашиот факултет, но и претходно низ пониските степени на образование, можам да потврдам дека стекнатото образование на Градежниот факултет создава солидна база која може да се надградува и осовременува на посилните европски, верувам и светски универзитети. Според мене, желбата и подготвеноста на студентот целосно да се вложи во совладувањето нови знаења, нема вистинска алтернатива. Ниту во квалитетот на универзитетот ниту во условите за студирање.



Каков е животот во Бохум? Што е она што Ви остави најголем впечаток во овој град? Ви недостигаа ли најблиските во Македонија за време на престојот таму?

- Повеќегодишното патување и истражувачка работа на странските универзитети немаше да има целосна смисла ако во мене не тлееше мотивот, на крајот, барем во моето потесно опкружување, да возвратам со личен влог во менување на нештата. Голем дел од работите што сум ги препознала како позитивни се надевам и во таа насока постојано ќе дејствувам, ќе станат реалност и овде. Она што би го издвоила како главен недостаток, не само на Градежниот факултет, туку можеби и пошироко на ниво на општество, е недостатокот на желба, амбиција или можеби храброст да се излезе од воспоставената комфорна зона. Мислам дека постои еден вид страв од промени. Без искрена желба за поместување на воспоставените невидливи граници на комотно дејствување, кои нè ограничуваат и на долги патеки уништуваат, нештата нема да може да се придвижат напред. Функционирањето на општествата кои по сите критериуми се подобро организирани од нашето е тешко за опишување, a уште помачно за читање. Германското, се разбира за нас, барем во догледно време, е недостижна категорија и за тоа треба да бидеме целосно свесни. Но, тоа сепак не смее да значи дека треба да се предадеме и да се откажеме од стремежот да бидеме подобри. Затоа што, како што веќе споменав, движењето по вистинскиот пат е цел сама по себе. Вреди да се обидеме. Да направиме убавите нешта да не се случуваат само таму некаде далеку од Македонија. Колку и да е совршено туѓото, колку и да се убави новите пријателства, чувството да се биде ,,дома“ е категорија која едноставно не може рационално да се објасни. Опкружувањето со најблиските, со оние во кои имате безгранична доверба, дава ментална енергија и во најтешките мигови. Онлајн (дигиталното) комуницирање за споделување на секојдневието со сопругот, родителите и другите од моето најблиско опкружување помага, но сепак беше само една нужна и по малку бледа копија на реалниот живот.


Градежен факултет Рур-Бохум



Кај нас, на младите што завршуваат Градежен факултет не им е проблем веднаш да најдат работа и да се вклучат на пазарот на труд. Професијата е добро платена и е атрактивна, па која е Вашата порака за младите што имаат дилема дали да ја изберат оваа струка како идна професија?

- Ќе се обидам да не прозвучам субјективно. За чудо, и покрај тоа што живееме во време на масовен наплив на информации, за професијата градежен инженер сè уште постои недоволна информираност и голем број предрасуди. Особено кај помладите. Честопати се поистоветува единствено со процесот на градење, па оттаму и како професија која не е најсоодветна за женскиот пол, професија која нема контакт со дигитално (софтверско) работење, професија која не остава простор за креативно размислување и многу други заблуди или современо кажано - лажни вести. А вистината е сосема спротивна. По завршувањето на своите студии младите колеги можат да се определат својата кариера да ја насочат во правец на осмислување и проектирање нови конструкции, што подразбира користење современи компјутерски алатки за анализа и пресметка на симулирани модели. Дел ќе може да се обидат во теренска работа, која подразбира надзор, водење или менаџирање со огромни процеси на градење, непосредно создавање на капитални објекти од огромно општествено значење. Постојат многу можности за работа и на експериментални лабораториски истражувања како дел од програми за развој на нови иновативни материјали, технологии и конструкции, потоа на програмирање и развој на софтверски решенија за пресметка на конструкции и многу друго.
Процесот на студирање е можеби поинтензивен во споредба со други факултети, но затоа пак е исклучително уникатен. Студентите имаат можност низ различни наставни содржини и секојдневни непосредни контакти со асистентите и професорите да стекнуваат нови знаења и вештини со кои полесно ќе ги разберат физичките закони и ќе ги спознаат математичките алатки за креативно создавање на секаков вид градителски дела (висококатници, мостови, брани, патишта, железници, тунели). Градежното инженерство е бесмртна професија која покрива широк спектар на занимања. Област чие функционирање не може ни да се замисли без дигитална поддршка. Струка која ја скротува природата и ја приспособува на човековите потреби. Дејност чии дела го детерминирале и секогаш ќе го детерминираат нашето живеење.

Метро-станица во Бохум, почеток на уште еден истражувачки ден

Фото: приватна архива
Подготвил: Антонија Поповска / antonija.popovska@fakulteti.mk

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема