X
 22.11.2019 Образование

Белградскиот универзитет утврди дека докторатот на министерот за финансии Синиша Мали е плагијат

По повеќе од пет години Универзитетот во Белград официјално утврди дека српскиот министер за финансии Синиша Мали препишувал при изработката на неговата докторска дисертација, која во 2013 година ја одбранил на Факултетот за организациони науки. Академската заедница во Србија очекува поништување на докторатот, но министерот не се посрамотил по одлуката.

Со пуштање на студентската химна „Gaudeamus Igitur“ пред зградата на Ректоратот на Универзитетот во Белград студентите ја прославија, како што велат, победата. Колку за потсетување, студентите што се дел од здружението „1 од 5 милиони“ во септември го држеа Ректоратот во блокада 12 дена барајќи конечно решавање на прашањето за спорниот докторат на министерот.

Одборот за професионална етика едногласно утврди постоење на неакадемско однесување во изработката на докторската дисертација на Мали бидејќи во делото буквално преземал текстови, односно цели пасуси од текстови од други автори, соопшти ректорката на Универзитетот во Белград, Иванка Поповиќ.

- Одборот за професионална етика ќе достави конечно решение до Сенатот на универзитетот поради постапување во согласност со Правилникот за постапката на поништување на дипломата и додатокот на дипломата - рече таа.

Образложението што го прочита ректорката е академски начин да се соопшти дека Мали го украл докторатот, смета професорот Слободан Првановиќ, кој до неодамна и самиот беше дел од Одборот.

- Ова претставува конечно донесување на одлука дека докторатот на Синиша Мали е плагијат - вели тој.

Веста за одлуката го затече Мали во Собранието, каде што го образложуваше буџетот за идната година. Изгледа дека тој не планира да се откаже од функцијата и понатаму тврдејќи дека не е плагијатор.

- Знам колку знам, знам дека не сум го направил тоа, а тоа што некому оваа тема му е значајна од политички причини, не можам ни да го коментирам. Во секој случај, во следните неколку дена јас посебно ќе се обратам на таа тема - порача Мали.

Но, според професорот Првановиќ, што и да се случи за неколку дена, ќе биде безначајно за неговото академско звање. Тој смета дека докторатот на Мали ќе биде поништен бидејќи се очекува Сенатот на универзитетот да ја заведе вчерашната одлука.

Иако на вчерашната седница се одлучуваше за академската чесност на една од водечките политички фигури во Србија, заседанието го следеле само неколку медиуми. Најголем дел од телевизиите со национална фреквенција ја пренесоа само изјавата на министерот.

Белградскиот универзитет е еден од универзитетите во регионот кој е на Шангајската листа. Оваа година тој се најде меѓу 400. и 500. место.
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование