X
 20.07.2024 Наука

Голем тунел е најскапото земјиште на Месечината

Анализата на радарските податоци од „Лунар реконесенс орбитер“ на НАСА открива што се крие под Месечевото „Море на мирот“. Меѓународен тим, предводен од италијанскиот универзитет во Тренто, објавил студија за откритието што означува пресвртница во нашето познавање на Месечината.

Првпат е докажано постоење на тунел во подземјето на Месечината, кој во основа е испразнета цевка од лава.

- За овие структури се претпоставува повеќе од 50 години, но ова е првпат да го докажеме нивното постоење. Како дел од мисијата на НАСА, радарот за минијатурна радиофреквенција (Mini-RF) направи серија снимки од површината на Месечината во 2010 година. По многу години ги анализиравме овие слики со помош на сложени технологии за обработка на сигнали, кои неодамна ги развивме во нашата лабораторија, и откривме дека дел од радарските рефлексии кои доаѓаат од областа на „Морето на мирот“ може да се припишат на подземен канал. Ова откритие го дава првиот директен доказ за пристапен карпест тунел под површината на Месечината. Анализата на податоците ни овозможи да изградиме модел кој го претставува почетниот дел од тунелот - објаснува координаторот на истражувањето, Лоренцо Брузоне од Универзитетот во Тренто.

Истражувачот Вес Патерсон од лабораторијата за применета физика „Џонс Хопкинс“ додава:

- Ова истражување покажува дека радарските податоци од Месечината може да се користат на нови начини за да се одговори на основните прашања за науката и истражувањето и колку е критично да се продолжи со собирање податоци за далечинско набљудување на Месечината.

Студијата, исто така, има импликации за развојот на мисии на Месечината, каде што околината е непријателски настроена кон човечкиот живот. Со страната изложена на Сонцето која може да достигне 127°C, спротивната страна каде што температурата паѓа до -173°C, со космичко и сончево зрачење до 150 пати посилно од она на Земјата и постојана опасност од удари на метеорити, идните лунарни бази би можеле да претставуваат голем ризик за идните колонизатори.

Оттука и потребата да се најде решение за изградба на заштитена инфраструктура, како онаа што би се изградила во длабочините на Месечината. Затоа, овој тунел би можел да ја претставува најскапата „земја“ на Месечината, околу која еден ден би можеле да се водат воени конфликти.

Извор: m.vidi.hr

Фото: Freepik

Подготвил: Маја Пероска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука