НАСА ги избра првите три научни експерименти што ќе ги изведат астронаутите на површината на Месечината во текот на мисијата „Артемида 3“, планирана за 2026 година. Меѓу нив е и експериментот „Лиф“(Лунарни ефекти на агрокултурната флора/ LEAF - Lunar Effects on Agricultural Flora), кој ќе проучува како вселенските култури ќе се справат во лунарна средина.
-„Лиф“ ќе биде првиот експеримент за набљудување на фотосинтезата, растот и системските реакции на стресот, предизвикан од вселенското зрачење и делумната гравитација. Податоците за растот и развојот на растенијата, заедно со еколошките параметри, ќе им помогнат на научниците да ја разберат употребата на растенијата што се одгледуваат на Месечината за прехранбени цели за луѓето и поддршка на живот на Месечината и пошироко - истакнале од НАСА.
Другите два избрани експерименти се „Лемс“ (Станица за мониторинг на лунарната средина/ LEMS -Lunar Environment Monitoring Station) и ЛДА (Лунарен диелектричен анализатор/LDA - Lunar Dielectric Analyzer).
„Лемс“ е комплет од автономни сеизмометри кои ќе детектираат земјотреси на Месечината две години по пристигнувањето на нејзината површина. На овој начин тие ќе ја карактеризираат регионалната структура на кората и обвивката на Месечината, што ќе даде вредни информации за формирањето на Месечината и нејзината еволуција.
ЛДА ќе ја мери способноста на лунарниот реголит, горниот слој на прашина и отпадоци, да пропагира електрично поле. Инструментот ќе собира основни податоци за подземната структура на Месечината, ќе ги следи диелектричните промени предизвикани од променливиот агол на Сонцето додека Месечината ротира и ќе бара можни формации на мраз.
Инструментите ќе бидат распоредени во близина на јужниот пол на Месечината, регион богат со мраз кој може да поддржува една или повеќе станици со екипаж. Сè уште не е позната точната локација, ниту пак НАСА ја објавила конечната локација за слетување на мисијата „Артемида 3“, која ќе ја користи ракетата „Старшип“ на „Спејс екс“ за транспорт на астронаутите. Екипажот ќе пристигне во орбитата на Месечината користејќи ја ракетата СЛС на НАСА и капсулата „Орион“.
Нема гаранција дека трите експерименти ќе завршат на Месечината, но засега таков е планот.
„Артемида 3“ ќе биде првата мисија со екипаж на Месечината по „Аполо 17“ во декември 1972 година. За време на мисијата „Артемида 2“, четворица астронаути ќе кружат околу Месечината и ќе се вратат на Земјата на крајот од 2025 година, се разбира, доколку сѐ оди според планот.
Извор: klix.ba
Фото: Freepik