X
 20.12.2016 Живот

Родителите ги форсираат децата заради страв од просечност

Поголемиот дел од луѓето не можат да се помират со фактот дека се просечни, туку по секоја цена сакаат да бидат исклучителни – по убавина, интелигенција, способности. Сето тоа започнува во детството, родителската амбициозност, необјективноста и форсирањето можат да бидат фатални.

Уште од рано детство, не учат дека тројката е најлоша оценка, а потоа пораснуваме и уверени сме дека сме четворки и петки. Не се задоволуваме со просечното, бараме многу повеќе од тоа, се натпреваруваме постојано со другите. Дел од советите се и слепото следење на навиките на натпросечните луѓе. Но, дали навистина е така? И дали просекот е толку лош?

Просекот е лош кога се однесува на конформизмот, бидејќи тогаш се губи индивидуалноста, сметаат психотерапевтите. Во други случаи, се работи за категорија која е несакана, бидејќи подразбира дека мораме да се издвојуваме ако сакаме да бидеме прифатени од општеството. Но, не било секогаш така. Пред само неколку децении, на Балканот постоеле општествено уредување во кое вредностите биле поинакви од денешните. Тогаш не било важно да се биде натпросечен, туку да се биде другар, да се помага на послабите и во тоа да се пронајде задоволство. Денес пак, просекот не асоцира на се што не сакаме : неуспех, неспособност, пад. А тоа се одредници кои модерното општество не ги признава. Сега е капитализам. Владеат очекувањата на општетсвото – кој е слаб, ќе биде проголтан, а кој е натпросечен, ќе си обезбеди место.

Психолозите сметаат дека сето ова започнува во детството. Комбинацијата од родителскиот страв од просечност, претераната амбициозност и несовладувањето на способностите на детето е фатална. Резултира со форсирање на детето и водење кон мноштво активности – балет, јазици, музички часови. Исто така, родителите се најчести оние кои инсистираат завршување на високо образование неподготвени да признаат дека не е секое дете капацитет за стекнување на академско знаење. Наместо тоа, на децата треба да им се испрати порака дека најважната работа во животот е да бидат среќни, односно да се прифати и поддржи самото битие на детето, такво какво што е. Исто така, треба често да ги потсетуваме нашите деца дека ги сакаме и кога не им се сите петки и кога ќе направат некоја белја и кога ќе се обидат да не излажат. Детето не смее да помисли дека родителот не го сака заради неговите грешки, велат психолозите.

Тешко е тоа да им се објасни на родителите, а одобрувањето на просекот обично се смета како недоволно вложен труд. 

На прашањето „Зошто е добро да се биде просечен?“ корисниците на социјалната мрежа „Reddit“ одговориле :

-    Остануваш скромен бидејќи знаеш дека секогаш има подобри и полоши од тебе.

-    Полесно прифаќаш порази. Кога си просечен, нема стрес бидејќи никој од тебе не очекува да бидеш извонреден.

-    Се во врска со мене е просечно. Висината, изгледот, автомобилот, училиштето, работата, станот. И знаете што? Јас уживам во тоа.

-    Не морам да се грижам дали ќе бидам најдобар. Едноставно, постојам.

-    Полицајците не обрнуваат внимание на тебе.

-    Голем број на потенцијални партнери. Не си ниту грд ниту убав за да ги исплашиш.

Францускиот нобеловец Анатол Франс говорел дека просечниот човек не знаел што ќе прави со својот живот, но сепак сака уште еден кој ќе трае засекогаш. Од друга страна, знаеме дека најбрилијантните умови, најубавите жени, најдуховитоте луѓе, обично се несреќни. Дали е среќата тогаш во просекот? Психолозите велат : „Среќата е во љубовта“.
Подготвил: Маја Пероска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот