Еден од водечките универзитети во Австралија соопшти денеска дека им нуди на кинеските студенти по 1.500 австралиски долари доколку патуваат низ трета земја, со цел минимизирање на влијанието на забраната за странците што пристигнуваат од Кина.
Австралија од 1 февруари забрани влез на странци кои пристигнуваат директно од Кина, наведувајќи ја потребата да се запре ширењето на вирусот сличен на грип што се појави во Кина кон крајот на минатата година.
Забраната беше продолжена вчера до 29 февруари.
Австралиската учебна година веќе е во тек и универзитетите стравуваат дека илјадници студенти ќе се повлечат и ќе разгледаат меѓународни алтернативи ако не се во можност да дојдат на своите часови за неколку недели.
Владата на Австралија соопшти дека сè додека студентите се надвор од Кина 14 дена, ќе им биде дозволено да влезат во земјата.
Универзитетот на Западен Сиднеј соопшти дека ќе им понуди на кинеските студенти еднократна исплата доколку ги исполнат тие услови.
- Во знак на признание за дополнителните трошоци направени за патување низ друга земја, Универзитетот понуди да им помогне на студентите со еднократна исплата за субвенција од 1.500 долари - наведуваат од Универзитетот.
Странските студенти „носат“ околу 35 милијарди американски долари годишно за австралиската економија, при што на кинеските студенти отпаѓа околу една третина од таа бројка.
Извор: МИА