Трите необјавувани и неизведувани драми на македонски јазик: „Мачкина глава“ од Венко Андоновски, „Јас, на некое друго место“ од Ана Трпеноска и „Среќен мртовец“ од Марјан Анѓеловски се најдоа во изборот на најдобри нови драмски дела на европско ниво за 2022 година според „Еуродрам“ – Европската мрежа за современа драма.
Во конкуренција од 806 пријавени дела од автори што пишуваат на некој од европските јазици се најдоа и 19 текста напишани на македонски јазик. Изборот го направија 335 члена од 27 посебни јазични комитети на „Еуродрам“.
„Еуродрам“ е европска мрежа за современа драма и превод, која опфаќа повеќе од 300 члена – театролози, критичари, драмски автори, преведувачи, режисери – организирани во 30 јазични комитети. Главна цел на мрежата е да го поттикне преводот на современи драмски дела од Европа, Централна Азија и Медитеранот, правејќи ги достапни за театарските професионалци и за публиката, во духот на независноста, рамноправноста и јазичната разновидност.