Првото прашање е: Кога можеме да очекуваме бројот на заразени во Македонија да почне да се намалува?
Пишува: проф. д-р Љупчо Коцарев, претседател на МАНУ
Групата вируси позната под името коронавируси (вируси со круна) го добија своето име од карактеристичниот облик на вирусот, на чија површина се допираат честички што личат на круна. Овие вируси ги напаѓаат цицачите и птиците, а седум од нив ги заразуваат и луѓето и се смета дека се главна причина за појавата на вирусни респираторни инфекции низ светот.
Три вируси (од овие седум) треба да се споменат: САРС (SARS-CoV), МЕРС (MERS-CoV) и Ковид-19 (SARS-CoV-2). Според трудот објавен на 3 февруари 2020 година во списанието
„Природа“, епидемијата почна на 12.12.2019 и до 26.01.2020 година предизвика 2.794 лабораториски потврдени инфекции и 80 смртни случаи. Табела 1 ги сумира раните клинички карактеристики на Ковид-19 споредени со епидемиите на МЕРС и САРС.
Табела 1. Податоците за Ковид-19 се однесуваат за 20 април 2020 година. Податоците за смртност на Ковид-19 се процени (опсегот се менува во зависност од државите)
Научниците од сите земји се обединија во заедничка борба, обид невиден во досегашната историја на човештвото, против Ковид-19. Така, на пример, како одговор на пандемијата Ковид-19, владата на САД во соработка со неколку водечки истражувачки групи подготви
база на податоци со повеќе од 52.000 научни труда, вклучувајќи и над 41.000 со целосен текст. Без разлика на големиот напор, истражувањата на вирусот SARS-CoV-2 се во почетна фаза и многу работи се непознати: не се знаат некои од неговите клучни карактеристики во однос на обемот, заразата, разновидноста на ефектите врз човекот, не е точно позната реакцијата на превентивните методи, дури не се знае со сигурност дали оздравените пациенти стекнуваат (траен) имунитет.
Проф. д-р Љупчо Коцарев
Две прашања сакам да ги дискутирам денеска.
Првото прашање е: Кога можеме да очекуваме бројот на заразени во Македонија да почне да се намалува? Иако, уште од првиот час по предметот машинско учење, секогаш подвлекувам: „Сите модели се грешни, само некои се корисни“, и свесен за тоа дека предвидувањето сепак е неблагодарна работа, ќе ги покажам на Слика 1 резултатите што ги доби м-р Петар Јовановски со моделот кој беше кратко опишан во написот од
11.04 на Факултети.мк. Официјални податоци за 20 април 2020 година се: вкупно заразени 1.207, вкупно починати 51, заразени (активни) 977 и (оздравени) 179. Според моделот, се очекува максималниот број на активно заразени (не вкупно заразени) да биде околу 1.200, а тоа да се случи во почетокот на мај.
Слика 1. Моделирање на Ковид-19 во Македонија. Со заразени се означени активно заразените (не вкупно заразените)
Второто прашање на кое сакам да понудам можен одговор е: Како треба да се бориме против епидемиите? Табелата 2 го сугерира тоа. Од табелата јасно се гледа дека Европа не беше подготвена за Ковид-19. Без разлика дали ќе има нов бран на Ковид-19, тоа со сигурност не се знае, или човештвото ќе биде изложено на епидемија (па дури и пандемија) на друг вирус (што сигурно ќе се случи, само не знаеме кога), начинот како државите во Азија се справуваат со пандемијата Ковид-19 може да биде патоказ за тоа како треба да се адресираат вакви кризни настани.
Подетална анализа на сите држави и региони од Азија, а имајќи на ум дека, можеби, има добри причини да се сомневаме во некои официјални бројки, покажува дека тие реагираа многу брзо и решително, при што против пандемијата користеа комбинација на различни мерки (затворањето на границите, присилната изолација, карантин, задолжителното трасирање и следење) приспособени за нивните потреби. Во борбата помогна и еден културен фактор, изразена самоконтрола (во контекст на односот колективизам спрема индивидуализам, карактеристичен за народите од Азија),
но и искуството со САРС од 2002 година.
Интересен е примерот со Јужна Кореја. За списанието
„Наука“ на 17 март 2020 година, Ким Во-Јоо, специјалист за заразни болести од Универзитетот „Кореја“, изјави: „Јужна Кореја е демократска република, сметаме дека изолацијата не е разумен избор“. Понатаму, во истиот труд пишува: „Зад нејзиниот успех, досега, стои најшироката и најорганизирана програма за тестирање во светот, во комбинација со обемни напори да се изолираат заразените лица и да се следат и стават во карантин сите нивните контакти“. Сакам да подвлечам дека иако сите шест држави не чекаа СЗО да прогласи пандемија, не беа еднакво опремени за борба против вирусот и немаа капацитети за тестирање. По 07.01.2020 година, откако геномот на вирусот стана достапен, тие ги мобилизираа постојните капацитети и/или развија нови за да ги пополнат празнините во нивните потреби. Успехот не изостана.
Фото: Pixabay
Така, одговорот на второто прашање се наметнува сам по себе,
три фактори се клучни: брза и решителна реакција на институциите, приспособување на сопствен пакет мерки и зголемена свест на граѓаните за самоконтрола, барем во услови на епидемија. Дури и во услови кога бројот на новозаразени ќе се намали и ќе нема потреба од карантин, би требало, барем уште некое време, да продолжат да се користат некои едноставни мерки за заштита, на пример, блага форма на социјално дистанцирање, миење раце и носење маски.