Љупчо Коцарев, актуелен претседател на Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ), ја промовира книгата „За македонските работи“. Книгата е составена од четири дела: „Македонскиот дел од пеколот и од рајот: како понатаму?“, „Предизвици во науката“, „Интервјуа“ и „Македонскиот манифест“. Коцарев во книгата застапува есеи, обраќања, беседи и слова, во кои со изострено чувство за критичка опсервација ги анализира македонските состојби, стои во најавата за книгата.
Академик Љупчо Коцарев е редовен професор на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје и истражувач во рангот на редовен професор на Универзитетот „Калифорнија“, Сан Диего од 1998 до денес. Добитник e на државната награда „11 Октомври“ за животно дело во областа на науката. Академик Љупчо Коцарев спаѓа во редот на водечките два проценти светски научници од сите научни области на сите времиња, согласно тимот на Универзитетот „Стенфорд“ во САД (2020, 2021).