Многумина сонуваат еден ден да имаат сопствена недвижност, но со денешните цени на становите и куќите тој сон е речиси недостижен. Затоа веста дека цел грчки остров се продава за помалку пари од просечен стан во Лондон звучи како понуда од соништата. Но зад неверојатно ниската цена се крие многу покомплицирана приказна.
Станува збор за островот Макри, петти по големина во архипелагот Ехинади во Јонското Море. Опкружен е со бистра вода и речиси недопрена природа.
Кога првпат се појавил на пазарот за луксузни недвижности во 2022 година, неговата вредност се проценувала на околу 8 милиони евра. Меѓутоа, денес се продава на аукција за само 247.000 евра.
Причината за огромниот пад на цената не е лошата локација или недостигот на природни убавини, туку сериозни правни и финансиски проблеми.
Според документацијата, Макри е погрешно класифициран како приватна шума, што автоматски ги ограничува можностите за градење. Дополнително, се наоѓа во заштитена зона, па практично се блокирани плановите за изградба на луксузни хотели и туристички комплекси.
Ситуацијата дополнително ја отежнува фактот што островот е дел од европската еколошка мрежа Натура 2000. Поради овие прописи, во последниве години државите воведуваат строги ограничувања, вклучувајќи забрани за масовно поставување лежалки и туристички содржини.
Тоа значи дека секој иден сопственик би морал да добие посебно одобрение од државата преку претседателски декрет, што е долг и комплициран административен процес.
Но најголемиот проблем допрва доаѓа. Со островот доаѓаат и огромни долгови од најмалку 20 милиони евра.
Освен тоа, островот практично нема инфраструктура: нема уредени системи за струја, вода или отпад, па сè би морал да финансира и организира идниот сопственик.
Во реалноста, Макри може главно да се користи за земјоделство или како приватно засолниште за целосна изолација и мир.
И покрај сите проблеми, идејата за сопствен остров во Јонското Море звучи примамливо. За некој со доволно пари, трпение и волја да се справи со бирократијата, Макри би можел да стане многу необична инвестиција.
Извор:
n1info.hr
Фото:
Twitter