X
 21.10.2021 Живот

Во Кина работниците бараат нормално работно време, а не по 12 часа, 6 дена во неделата

Економскиот напредок на Кина во последниве години беше поврзан со озлогласената работна култура наречена „996“, во која работниците треба да поминуваат цел ден на работа (од 9 до 21 часот), шест дена во неделата.

Овој тип на работа не остава време за приватен, социјален и семеен живот и честопати доведува до исцрпеност на работа, а неколку смртни случаи во изминатите години, исто така, беа поврзани со исцрпеност на работниците.

Најголем поборник за таквото работно време беше Џек Ма, поранешен прв човек на „Алибаба“. На сите што сакаат да работат во неговата компанија им рече дека ако не сакаат да работат од 9 до 9 попладне, шест дена неделно, не мора ни да се појавуваат на работа.

Но, во последно време ситуацијата се менува, а во август кинескиот суд го осуди работното време „996“ нагласувајќи дека вработените имаат право на редовен и годишен одмор. Исто така, судот ги потсети сите компании дека кинескиот закон за работни односи забранува експлоатација на работниците според системот „996“ и компаниите мора да ги почитуваат нивните законски обврски.

Вработените во кинеските компании се приклучија во борбата против експлоатацијата преку кампањата „Работниот живот е важен“, преку која ги охрабруваат сите работници да ги објават името на работодавецот и работното време во компанијата. Тие сакаат да направат притисок врз работодавците, но и да ги подготват сите кандидати за работа за она што може да го очекуваат во компании каде што се заинтересирани да работат.

Нивната цел е да го претворат работното време „996“ во „955“, за сите вработени да можат да ги остварат своите права, кои треба да бидат загарантирани со закон.

Затоа, работното време за кое се залагаат во кампањата е 9 до 5, пет дена во неделата (955), а само времето ќе покаже дали, под притисок на кинеската Влада и такви кампањи, ќе има значителна промена и дали експлоатацијата на работниците во Кина ќе биде запрена.

Извор: Business Insider
Фото: Freepik
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот