X
 21.11.2018 Живот

Еднодневен престој во Сан Франциско е исто како да сте испушиле 10 цигари

Откако уништи цели градови, изгоре околу 10.000 дома и уби најмалку 70 лица, пожарот во северниот дел на американската сојузна држава Калифорнија сега е претежно ставен под контрола. Но, додека пламените се повлекуваат од видикот, чадот од пожарите сè уште покрива големи делови од оваа сојузна американска држава, вклучително и Сан Франциско и Сакраменто.

Квалитетот на воздухот минатата недела беше на најлошото ниво во светот. Учениците не одеа на училиште, а жителите беа предупредени да не излегуваат од своите домови. Со оглед на тоа што климатските промени ги прават поверојатни шумските пожари, небо исполнето со чад од пожари ќе стане сè почест проблем.

Чадот од пожарите содржи големи количини честички, меѓу кои секако се и оние помалите од 2,5 микрометри. Честичките со оваа големина се многу опасни за здравјето на луѓето бидејќи се доволно мали да можат да влезат во белите дробови на луѓето и во циркулаторниот систем.

Поголемиот дел од ПМ 2,5 честичките во САД доаѓаат од електраните и автомобилите, но околу 20 отсто од нивната вкупна количина доаѓа од пожарите. Кога ќе избијат, пожарите може да имаат драматичен ефект врз квалитетот на воздухот. Во деновите кога нивото на ПМ 2,5 честичките е повисоко од стандардите поставени од страна на Агенцијата за заштита на животната средина, тие се одговорни за околу 70 отсто од загадувањето.

Во Сан Франциско во 2015 година просечната највисока измерена концентрација на ПМ 2,5 за период од 24 часа била 35,4 микрограми на кубен метар. Тригодишниот просек бил 25 микрограми за кубен метар. Но, во петокот пожарите предизвикале зголемување на загадувањето, па индексот за квалитет на воздухот (кој покажува колку е загаден воздухот) беше 271, а концентрацијата на 221,1 микрограм на кубен метар. Тоа е еднакво на пушење десет цигари дневно и е околу седум пати поголемо од вообичаената количина на честички.


Фото: Popular Science
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот