X
 30.07.2018 Живот

Кога огнот ќе дојде...

Секое лето, низ Грција избиваат пожари. Планините околу Атина гореа неколку пати оваа година. Но овие пожари беа само столбови на чадот во далечина. Тоа не беше вест, сѐ до моментот кога не стана прва вест. 50 мртви. Потоа 60. На кајот од денот 74. Сега има скоро 80 и тој број веројатно ќе расте.

Грција нема катастар. Не се знае кој и што поседува. Така, кога шумата ќе изгори, а вие ќе започнете градба на тоа земјиште, вие го стекнувате правото на таа парцела. А ако сте градежен претприемач со политички врски, дополнително издадена урбанистичка дозвола ви е практично загарантирана. Од 2014 година имало 4.000 апсења за подметнување пожар, а подоцна и 700 обвинети стигнале до судење. Само една личност од тие 700 била осудена на затворска казна. Во врска со последните пожари, биле уапсени 5 луѓе.

пожар
Фото: Financial Express


Местото Мати некогаш било шума. Започнувајќи од 50-тите години на минатиот век, оваа област постепено и нелегално се развивала, без урабнистички план што би одговарал на дозволите и надзорот. Политичките гарнитури што во меѓувреме се менувале на власт (вклучувајќи ја и сегашната) им дозволувале на виновниците да го задржат својот плен. Луѓето кои живеат таму воглавно не биле свесни за тоа.

Затоа тие сега го поставуваат прашањето: Каде е државата? Каде е инфраструктурата? И тука доаѓаме до злосторството број два: 10 години политика на строго штедење драстично ја редуцирала грчката противпожарна служба; пожарникарите често биле вработувани по сезонски договори, а понекогаш буџетот им бил толку мал што биле принудени сами да си купуваат чизми. Буџетското штедење во комбинација со сериозниот недостаток на координација помеѓу различните служби во првите неколку часа од пожарот, го платија човечките животи.

Виталните инфраструктурни активности што требало да се извршат пред почетокот на летото не биле извршени. Луѓето имале поприоритетна работа: да заработат за леб.

По улиците на Мати лежат истопени алуминиумски делови на автомобилот. Алуминиумот се топи на 650 степени Целзиусови. Противпожарната опрема не е од голема помош на толку високи температури. Пожарите се гаснат кога ќе дојдат до морето или кога ќе спласнат самите од себе.

Месецот беше сув, температурите високи, а дуваше и силен ветер што го ширеше пеколот низ градот побрзо отколку што луѓето можеле да трчаат. Некои од куќите во кои луѓето изгореле биле на околу 30 метри од морето. Како е тоа возможно? Нерегулираното градење резултирало со многу слепи улици, тесни сокаци и отсуство на планови за евакуација. Пристапот кон морето често е пресечен за да се заградат приватни делови од плажата за побогатите луѓе. Локалците велат дека понекогаш оделе километри за да пронајдат пристап до брегот. 26 луѓе биле пронајдени мртви на една полјанка кои безуспешно барале премин низ оградата до брегот. Освен огнената стихија, овие луѓе биле усмртени и поради нееднаквоста.

Ќе има уште вакви пожари. Климатските промени ја прават и така сушната сезона уште посушна, во Грција и секаде. Во Грција властите сето тоа го земаат здраво за готово, бидејќи имаат поприоритетни проблеми. Секојдневниот живот е премногу тежок за да се размислува за вакви работи. Но сепак се поставува прашањето: кога огнот повторно ќе дојде, каде ќе побегнат луѓето?
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот