Просечната исплатена нето-плата по вработен во октомври годинава изнесува 38.843 денари и во однос на октомври лани е зголемена за 17,3 отсто, објави денеска Државниот завод за статистика.
Ваквото зголемување се должи, пред сѐ, на зголемувањето на просечната месечна исплатена нето-плата по вработен во секторите: јавна управа и одбрана; задолжително социјално осигурување (26,2 проценти), снабдување со вода; отстранување на отпадни води, управување со отпад и дејности за санација на околината (20,2 проценти) и снабдување со електрична енергија, гас, пареа и климатизација (20 проценти).
Зголемување на просечната месечна исплатена нето-плата по вработен, во однос на претходниот месец, е забележано во секторите: дејности во врска со недвижен имот (8,2 проценти), финансиски дејности и дејности на осигурување (6,5 проценти) и дејности на здравствена и социјална заштита (4,6 проценти).
Во октомври годинава просечната месечна исплатена бруто-плата по вработен изнесува 58.349 денари.
Извор: МИА