X
 05.12.2018 Наша тема

„По скалилата на успехот“. Бидете љубопитни, истрајни и посветени – формулата за успех на Снежана Савиќ-Димовска, менаџер за правни работи во „Пивара Скопје“

Нивните лични квалитети им донеле голем професионален успех. Денес тие се членови на менаџерски тимови и ги водат најуспешните компании во земјава. Ова се приказните на успешните Македонци што ќе ги објавуваме во рубриката „По скалилата на успехот“. Факултети.мк и Едукативниот центар на „Пивара Скопје“ преку обуката „Вештини за успех“ ви го покажуваат патот до ѕвездите.


Понекогаш истовремено треба да менаџира и 50 сосема различни активности. Вели дека колку што е поголемо правото што го уживате во некоја компанија, толку се поголеми и обврските. Но, тоа не треба да ве уплаши. Напротив - треба да ве мотивира да бидете вредни, да се интересирате за сè, постојано да прашувате, дури и ако нешто не е тесно врзано со вашата работа.
Снежана Савиќ-Димовска е поранешна скијачка и репрезентативка, денес мајка на две деца, сопруга на ракометар, адвокат, магистер по меѓународно деловно право, таа е во врвот на менаџерскиот тим на еден од најголемите гиганти во Македонија - „Пивара Скопје“. Пријатна и комуникативна, таа ни раскажува за патот на нејзината кариера. Веќе две години е менаџер за правни работи во компанијата. Зад оваа функција, едноставно напишана со неколку збора, стои една долга листа со обврски и задачи што се нејзино секојдневие.
Нејзините колеги велат: „Непотизам во една ваква компанија е луксуз кој не можеме да си го дозволиме. Оваа работна позиција може да ја издржи само квалитетен човек“.


Снежана Савиќ-Димовска, поранешна студентка на Правен факултет, постдипломка на Универзитетот „Лувн“ во Белгија

Во управниот објект во „Пивара Скопје“ минувате преку пријавница каде што обезбедувањето ви ги забележува податоците. Низ просторот се движите преку странично обележана жолта патека за да не пречите никому во работата. Оние што ги среќавате љубезно ве поздравуваат иако не ве познаваат. Првичната слика сосема соодветствува со искуството што го раскажува Снежана кога пред две години станала дел од ова семејство.

Репрезентативка во македонскиот скијачки тим

Како дете тренирала скијање. Била дел од репрезентацијата на Македонија - многу натпревари, детски олимпијади, светски првенства. Сè додека не наполнила 21 година.
- Барав да студирам нешто што ќе биде адаптирано на скијањето. Вонредно се запишав на Правниот факултет „Јустинијан Први“ во Скопје бидејќи тоа беше семејна традиција и дојде некако природно. Така до 21 година професионално се занимавав со скијање, колку што може да биде професионално кај нас... Скијањето не е спорт од кој може да се живее, особено не во Македонија, па решив да се посветам и да го завршам факултетот. Дојде време за доусовршување, па се насочив на деловно право. Аплицирав и ме примија на Универзитетот „Лувн“ во Белгија. Една година поминав таму, се вратив и полагав за застапник за индустриска сопственост и веднаш потоа правосуден испит - раскажува таа.


На скопскиот маратон, со екипата на „Пивара Скопје“

Вели дека искуството на мастер-студиите било многу големо. Пред сè, одвојувањето од дома. Оставен си сам на себе, покрај учење, мислиш на храна и на превоз, го организираш времето, книги, предавања... Избрала конкретни предмети за студирање - да можеш веднаш да ги примениш.
- Поголем број од предметите беа за интелектуална сопственост - трговски марки, патенти, право за информатичка технологија, комуникации, дополнително и тие за меѓународно деловно право, арбитража и слично. Многу интересно беше и за образование и за самодоверба. Таму немаше раскажување на предмети - туку случај. Ги добиваш пред себе сите закони, како да работиш во канцеларија. Сакаш копај, истражувај, прави што ќе правиш - реши го случајот. Како пракса беше многу убаво и полезно бидејќи дотогаш немав искуство во таа област. Дополнително, многу помага во настапот, се градат самодовербата и карактерот. Сам се снаоѓаш, нема мајчин јазик, никого не познаваш, ниту професори, ниту луѓе, особено што немаше ниту еден Македонец, ниту многу луѓе од балканските земји - раскажува Савиќ-Димовска.

На вистинско место во вистинско време

Кога се вратила во Скопје, извесно време била дел од тимот на една канцеларија, па тоа што го учела можела конкретно да го употреби. Направила куса пауза за да го спреми правосудниот испит.
- Два дена пред свадбата имавме резултати за правосудниот. Си велев, каква свадба, чекам резултати, ни свадба ни гости не ме интересираат. Така тоа заедно ми дојде – раскажува Снежана.

Во наредниот период била ангажирана во семејната адвокатска канцеларија, па извесен период била на релација Македонија-Словенија поради ангажманот на нејзиниот сопруг, ракометарот Ванчо Димовски. Па станала мајка, прво на Дарјан (11), па се родил Филип (8). Така сè до јануари 2017 година.

Со семејството, на аеродромот Стенковец крај Скопје

- Буквално беше да се погодиш на вистинското место во вистинското време. И така дојдов во „Пивара Скопје“. И не згрешив. Го најдов тоа што сакам да го работам. Затоа на младите практиканти им велам: „Додека сте дома и не зависите сосема од платата, одете колку што можете повеќе на различни пракси. Само така ќе го најдете тоа што ве исполнува. Бидејќи правниот факултет дава многу можности. Можеби ќе смените четири-пет места, па ќе го најдете тоа што ве исполнува“. Мене од втор пат ми се погоди - објаснува таа.

Во меѓувреме, четири години предавала деловно право на „Американ колеџ“, на студенти од прва година на англиската група. Ова искуство ѝ било многу интересно.
- Убаво е секогаш да имаш можност да работиш со млади луѓе. Гледаш други перспективи. Убаво е човек да им пренесе знаење, но да не биде само сувопарно, туку низ искуството на практичари. Овој интересен период не продолжи поради големите обврски таму, темпото на работа во „Пивара Скопје“ и семејните обврски - вели Снежана.

Големиот културен шок во гигантот „Пивара Скопје“


На почетокот на новиот работен ангажман вели дека доживеала голем културен шок. Сè било многу поразлично од претходните работни искуства. Познавала само неколкумина од тимот.
- Но, јас сум отворен и комуникативен човек, некако добро и брзо ме прифатија. Како дел од системот на работа имаме сесии на кои се кажуваме забелешки, коментари едни за други. Колегите велат дека брзо сум се вклопила во тимот. Сепак, треба да бидете приспособливи и отворени. Имало ситуации кога колегите не претпоставувале дека нешто не ми е јасно, бидејќи тоа е дел од нивната 15-годишна рутина, а сепак е многу специфично. Во такви моменти новиот мора да преземе иницијатива и да прашува. Сум одела кај сите во канцеларии, прашував, барав информации... А генерално, тука секој има многу работа и сите се многу зафатени. Нормално дека иницијативата мора од тебе да почне. Од сите што сум побарала помош и консултација, ми помогнале и биле отворени за тоа - вели таа за почетоците во „Пивара Скопје“.


Секоја компанија е приказна за себе и има свои правила

Во компанијата има девет сектори, па колку и да ја познаваш работата, секоја компанија е приказна за себе и има свои правила. Колегата Ламбро Патче полека ја вовел во работата бидејќи како одговорен за односи со јавноста, поминал 17 години во компанијата и точно знае што и како функционира.
- Но, јас имам таква карма, сè што ќе фатам е најкомплицирано. Па така, по десет дена откако дојдов, наидов на големи премрежиња, буквално влегов во оган, една голема работа што се случуваше во „Пивара Скопје“. Реагирав смирено, да видам што и како се случува. Многу ми помогнаа колегите од тимот – што треба да направам, како да го спроведам, кому што треба да кажам, бидејќи тука има многу строги процедури и кога нешто ќе се случи, постои протокол. Е тука колегите многу ми помогнаа. Јас си го гледав правниот дел, а со другите се координиравме што понатаму да се прави – раскажува Савиќ-Димовска.

Долга е листата со нејзините задачи


Правната служба се состои од менаџер за правни работи и правен советник и е дел од деветте сектори во фирмата. Тоа е менаџерскиот тим со кој раководи генералниот директор. Обврските на Снежана не завршуваат тука.
- Како член на менаџерскиот тим, ние учествуваме во сите покрупни компаниски случувања што го надминуваат работењето на еден сектор. Ја водиме компанијата во менаџерскиот дел. Тоа ми е едната улога. Ја одредуваме иднината на компанијата, стратегија, предизвици, сето тоа го правиме заедно - објаснува таа.



Втор дел е правниот дел. Во секторот се две - опслужуваат 377 вработени и сите останати осум сектори на дневна основа.
- Тие ни се како внатрешни странки, покрај надворешните странки - купувачите. Сè што се одвива внатре во компанијата, сите документи, договори, дозволи, лиценци, обуки, закони, усогласеност со закони, сите предмети што одат кај адвокатите, обуки за кодекс на деловно однесување, конкуренција, оди преку нас. Истовремено сме и кабинет (според функции) на генералниот директор. Ние ги водиме собранијата на акционери и го спремаме бордот на директори. Го проверуваме цел материјал за маркетинг што ќе оди до купувачите на пазарот, наградни игри, спонзорства, донации. Од секторот за маркетинг, сè што вади на пазарот поминува низ нас, сите етикети на производи, буквално сè што ќе видите од оваа фирма, сите продажни и купопродажни договори, за деловни соработки од продажба, сето тоа поминува преку нас. Сè што набавуваме од трети компании од набавното одделение (хмељ, шеќери, машини) прво се координира со нас, па потоа продолжува понатаму - објаснува Снежана.

Покрај сето ова, таа е и член на IMCR (Incident Management and Crisis Resolution). Точно се знае кои луѓе му припаѓаат на овој тим и секој од нив е обучен што треба да прави и како да се однесува во кризна ситуација.
- Ова е кор-тим, јадрото, и што и да се случи, не само од правна природа, ние треба да се собереме и да имаме точно зацртани процедури како да постапиме. Што да се направи, како да се спречи, како ќе продолжиме понатаму. Целта е единствена - да ги одбраниме здравјето и безбедноста на вработените, на заедницата или репутацијата на компанијата. Ова е прилично стресен дел од работата зашто може да се случи на крајот од работниот ден или среде ноќ. И наша обврска е веднаш соодветно да реагираме - објаснува Савиќ-Димовска.

Дел од светските брендови „Coca Cola“ и „Heineken“

Дополнителна тежина, но и предност е што оваа фирма не е само „Пивара Скопје“, туку зад неа стојат две огромни, светски познати компании - „Coca-Cola Heineken“, како сопственик, и „Heineken“ - како сопственик. И сè што се случува треба да биде координирано со сите. На пример, една изјава што треба да излезе во медиуми некогаш мора да ја видат 50 луѓе.
- Секогаш треба многу брзо да реагираме. Сме имале такви ситуации и успешно сме ги решиле. Најтешкиот дел е што ние како кор-тим често сме единствените што знаеме што се случува. И додека ние решаваме некоја кризна ситуација која некогаш знае и да потрае, истовремено ги имаме секојдневните барања од останатите што се дел од целиот процес на работа. Тоа некогаш знае да направи голем притисок, знае да биде и физички и психички напнато. Но, сите ние сме подготвувани, во принцип знаеме како да се справиме - објаснува Снежана.

Во такви ситуации со колегите често се шегуваат за да се опуштат и да си го намалат стресот. Тука е и физичката активност - вежба трипати неделно, или трча на кеј, се обидува да го исфрли стресот од себе. Дома дополнително се опушта посветувајќи се на семејството и на семејните обврски.
Нејзиниот сопруг Ванчо Димовски е професионален ракометар. Снежана вели дека професионалниот пресврт во нејзиниот живот се случил кога сопругот се повлекол од активно играње.
- Тогаш се создадоа услови да почнам да барам друга област. Претходно животот беше многу интензивен. Реално, двајца родители со толкав ангажман, амбиции и отсуства од дома, не може да се издржи. Сепак, семејството мора да има некаков баланс - вели таа.


На еколошка акција - чистење на којот на Вардар во Скопје

Индустријата во која таа работи е исклучително брза (fast moving). Работите многу брзо се случуваат. Од друга страна, пак, имаат многу поддршка, знаење и ресурси бидејќи имаат огромна поддршка од двата светски бренда.
- Велиш дека работиш во „Пивара Скопје“, но тука се „Coca Cola“ и „Heineken“. Нема човек на светов кој не чул за нив и чувството е многу убаво. Овие компании многу вложуваат во луѓе, софтвер, ресурси. Ние го добиваме од двете страни, и како идеи можеме да си ги комбинираме. Во однос на секојдневната работа, покрај нашите закони што ги почитуваме, имаме и многу правила во компанијата кои некогаш се построги и од нашите закони. Па некогаш си велиме: „Ако не знаеш што правиш, следи ги правилата на „Coca Cola“, нема шанси да згрешиш“ - вели Савиќ-Димовска.

Го живее професионалниот сон

Таа сега го живее својот професионален сон. Вели дека било идеална можност затоа што веднаш дошла на место кое е високо во компанијата и кое одеднаш дава и многу можности.
- Но, сè е право и обврска. Колку права добиваш, толку растат и обврските. Има огромна разлика помеѓу мал и голем колектив. Тука нештата се многу покомплицирани. Станува збор за комплексен систем. Не може некој сам да одлучи, секогаш ти треба знаење и од некој друг. Има посебна компаниска култура која е олицетворение на сите нас и на неа константно работиме - вели Снежана.

Во компанијата секој вработен за себе си подготвува профил каде што наведува која му е добра, а која лоша страна. На овој начин секој открива нешто за што не е свесен дека „му лежи“ и може да го искористи, или нешто во кое си послаб, па наоѓаш начин како да го разработиш.


На прашањето што би ги советувала младите кои сонуваат да работат во овие компании, Савиќ-Димовска вели:
- Кога ќе завршат, да се обидат да работат во неколку области. Никогаш не знаеш што те чека. Може нешто навидум добро, практично нема да ти се допадне. Или нешто што не претпоставуваш, ќе ти биде интересно и ќе најдеш предизвик во тоа. Ако сте во компанија како нашата, бидете отворени за учење. Не правете го тоа само тоа што ќе се побара од вас. Интересирајте се за сè, затоа што сè е поврзано и со тоа можете само да добиете. Не плашете се дека ќе згрешите. Никој не дошол учен. Не плашете се дека ќе згрешите, па тоа да биде причина да не пробате. Пробај еднаш, двапати, петпати... Интересирајте се како се прави производот, зошто се прави, како се пласира, како се читаат финансиски извештаи... Ние како менаџмент гледаме бројки на цели продажби. Тоа не е правна работа, но јас морам да ја разберам. Не ограничувајте се на определена област.
Ние сме менаџери, цел сектор. Јас цел ден работам, кога треба и скенирам и копирам. Бидете вредни. Понекогаш компјутерот ми се блокира од отворени задачи што ги работам паралелно. Успехот денес бара сериозен мултитаскинг – децидна е Снежана.

Таа и денес не се откажува од тоа што го правела кога била дете. Секоја слободна можност ја користи за да скија. Со сопругот ги носеле децата на снег уште кога биле мали за да се навикнат на скијање и на снег.
- Е, тоа е чистење на мозокот. Штета што не може да се прави во текот на целата година - вели Снежана.

Подготвил: Весна Ивановска-Илиевска / vesna.ivanovska@fakulteti.mk

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема