Компанијата „Мајкрософт“ на својата официјална веб-страница го издвои Универзитетот „Гоце Делчев“ како успешен пример за премин од физичко во учење на далечина
(https://customers.microsoft.com/en-us/story/836725-goce-delcev-university-of-stip-higher-education-microsoft-365-en-macedonia).
УГД од почетокот на пандемијата на Ковид-19 многу бргу се преориентира на онлајн-учење и ги ангажира сите капацитети за тоа да се реализира.
- Со 15 факултети и над 9.000 студенти УГД е еден од најдобрите универзитети во Северна Македонија. Со учење на далечина овој Универзитет почна да експериментира во декември 2019 година. Во март 2020 година повеќе од 4.400 студенти и 360 предавања активно се одржуваа онлајн користејќи ја Мајкрософт 365 платформата. Со ова Универзитетот „Гоце Делчев“ е првиот универзитет во Северна Македонија кој без никаков проблем се префрли на учење на далечина задоволувајќи ги потребите на студентите во свет во кој побарувањата од дигитални алатки се сѐ поголеми - се вели меѓу другото во текстот на официјалната страница на „Мајкрософт“.
Промената во време на корона-кризата универзитетот ја направи многу брзо, веќе првата недела по затворањето на универзитетите за физичка настава УГД го направи првото онлајн-предавање.
- Ни требаше решение и тоа многу бргу. Не смеевме да го запреме образовниот процес. Имавме огромна поддршка и од канцеларијата на „Мајкрософт“ во Македонија и преку тоа дејствувавме многу брзо - истакна Јордан Тиквешански, раководител на одделот за ИТ во УГД.
Универзитетот направи и истражување за тоа дали студентите се задоволни од онлајн-алатките и доби позитивен одговор за нивото на задоволство. Над 67 % од нив очекуваат дека и во иднина онлајн-алатките ќе бидат дел од нивната редовна настава. Уште пред почетокот на кризата УГД имаше некои дигитални решенија што беа во функција. Студентите и професорите комуницираа преку решенија на Office 365, а се користеа и SharePoint и OneDrive. SharePoint се користеше за полесна соработка меѓу професорите и студентите и размена на материјали.
- Сите корисници на студентите и професорите ни беа веќе синхронизирани со Azzure Active Directory, па затоа ни беше многу лесно и едноставно да започнеме со користењето на Teams. Употребата на Teams во образовниот процес се наметна како природна потреба - истакнуваат од УГД.
Проректорот, проф. д-р Мишко Џидров истакнува дека во некои аспекти онлајн-наставата го подобрила целиот образовен процес и комуникацијата.
- Одевме чекор по чекор. Развивме сопствени упатства да помогнеме во процесот на адаптирање. Потоа направивме видео туторијали како да се користи Teams и сите негови придобивки. За нас беше импресивно како сите многу брзо го прифатија и го користеа. Во некои случаи забележавме и подобрување на односот студент – професор. Студентите во некои случаи во онлајн-предавањата беа поопуштени и учествуваа со свои мислења за разлика од физичката настава. За три месеци направивме 100.000 часа аудионастава, 50.000 часа видеонастава и над 11.000 сесии - истакна проректорот Џидров.
Универзитетот „Гоце Делчев“ е единствената високообразовна институција од Македонија која е издвоена од „Мајкрософт“ како пример за брз трансфер на образовниот процес во време на Ковид-19.