Aко наставникот-кандидат ја изведува наставата онлајн, во тој случај советникот ќе присуствува на онлајн-час
Започна втората фаза од изборот на наставници што ќе напредуваат во звање ментор од претстојниот септември и кои ќе добиваат за околу 45 евра повисока плата. Како што информираат во Бирото за развој на образованието (БРО), иако со јавниот повик беше предвидено да напредуваат 355 наставници во основното образование, сепак, досега се избрани 200 наставници кои ги исполниле условите и кои одат во понатамошна фаза на избор.
- Следува посета на часови кај наставниците од страна на советници од Бирото за да видат како тие работат со учениците. Покрај посетата на час, ќе се провери и нивното професионално досие. Кога ќе заврши овој период, следува третата фаза кога ќе биде потребно да се обезбедат мислења за кандидатите од училиштата во кои работат, односно од тимот за професионален развој (овде не е вклучен директорот), за на крај во мај да се направи ранг-листата со избраните кандидати што ќе станат ментори – информираат во БРО.
Aко наставникот-кандидат ја изведува наставата онлајн, во тој случај советникот ќе присуствува на онлајн-час, а онаму каде што наставникот предава во училница, посетата ќе биде со физичко присуство.
На јавниот повик што Министерството за образование и наука го објави во текот на зимскиот распуст се пријавија вкупно 991 наставник од основните училишта во државата. Платата на наставникот-ментор, како што објаснија од Министерството за образование и наука, ќе му биде поголема за 2.869 денари. Ова не беше единствена можност наставници да се пријават за ментори, вакви јавни повици ќе има и во иднина. Се очекува МОН да извести кога ќе биде објавен вториот повик, со оглед на фактот дека не е пополнет бројот на предвидени места со првиот повик.
Наставниците имаат право да напредуваат во кариерата, а тоа право произлегува од новиот Закон за наставници и стручни соработници во основните и во средните училишта, креиран како дел од Планот за темелна реформа на националниот образовен систем. Напредувањето во кариера има цел да влијае врз личната мотивација на наставниците за работа и да придонесе за подигнување на дигнитетот и општествената важност на просветителската дејност.