Кога позитивноста ќе добие токсични рамки, доаѓаме до стадиум на непризнавање дека се случило нешто што не е добро, се избегнува соочување со фактите и реалниот живот
Животот е сплет од сите добри и лоши работи што ни се случуваат, а како се справуваме со нив, зависи од тоа каква личност сме и како генерално гледаме на светот околу нас - позитивно и оптимистички или негативно и песимистички. Психолозите велат дека за добро поднесување на животот, најдобра би била некоја златна средина со малку попозитивен став. Сепак, постојат луѓе кои изразуваат исклучително позитивни емоции, без разлика низ каква ситуација поминуваат. А кога овој став ќе ги премине границите и целосно ќе ги исклучи сите реакции освен позитивните, преминува во нешто што може да ни причини штета. Оваа состојба е позната како токсична позитивност и таа всушност ги поттикнува луѓето да ги игнорираат тешките или лоши емоции и тоа носи многу замки, па и опасности.
Опсесија со позитивно размислување
Лицата што се токсично позитивни се убедени дека сите луѓе би требало на своите искуства да гледаат позитивно, дури и на оние што се трагични. Не само што таквиот став кај нив може да создаде лажна слика дека се во состојба да се изборат со сите неуспеси, со практично потиснување на тешките емоции и нивно туркање под тепих, туку со текот на времето, со изразена пасивна агресивност, имаат потреба и другите да ги убедуваат дека тоа е единствениот правилен начин на размислување.
Ваквиот вид позитивност ги задушува негативните емоции, што може да доведе до анксиозност и депресија, а кај некои лица може да остави впечаток дека ја понижувате нивната тага, вршите притисок врз нив да се преправаат дека се среќни, дури и кога со причина се тажни. Тој притисок понекогаш може да проектира целосно нетактично и пребрзо очекување, па и наметнување на лицето кое претрпело загуба да му се каже да продолжи понатаму или да бара позитивно во својата загуба. Овој начин може да поттикне различни нивоа на грижа на совест кај лицето на кое му се наметнува.
Пожелно е да се биде позитивен, но во ред е да се биде и тажен кога за тоа има причина
Психолозите ја истакнуваат потенцијалната вредност на позитивното размислување и изнесуваат докази дека тоа го подобрува севкупното ментално здравје. Во едно истражување од 2018 година, работено со студенти, се објаснува дека позитивниот став резултира со посилно самопочитување и движечка сила, со намалување на ризикот од суицидни идеи.
Научниците наведуваат дека е очигледно и дека позитивното размислување не е нешто што можете да го активирате по потреба и дека може да биде лек за сите ситуации. Жалењето кога се минува низ некоја драматична ситуација или губење е сосема нормално и ако тоа има свој тек, нема опасност од паѓање во депресивна состојба. Од друга страна, ако самите не се присилувате на трагедијата да гледате позитивно по секоја цена или ако некој што има такви склоности ве тера на тоа, сè може да се сврти против вас како бумеранг.
Исто така, кога позитивноста ќе добие токсични рамки без критериум, таа може да придонесе за анулирање и суштинско непризнавање дека се случило нешто што не е добро, се избегнува соочување со фактите и реалниот живот, што повторно води кон други можни проблеми на ментален план.
Примери на токсична позитивност
При споредба на токсичната позитивност со нормалниот позитивен став постои разлика и таа не го вклучува само тоа по кој период од некоја трагична загуба се јавува, туку може да биде и перманентна состојба на свеста.
Еве некои примери:
-кога му се зборува на родител чие дете починало да биде среќен затоа што барем може да има деца, за разлика од многумина што не можат,
-кога по некој трагичен настан се тврди дека „сè се случува со причина“,
-кога некој непрекинато се поттикнува да се сконцентрира на позитивните аспекти на загубата,
-кога се инсистира на тоа некој да ја победи својата тага или патењето и да се сконцентрира само на добрите нешта,
-кога луѓето што секогаш се позитивни се етикетираат како единствени добри, исправни и посимпатични од другите,
-кога на луѓето им се врши притисок да напредуваат без оглед на ситуациите со кои се соочуваат, како на пример: додека сме во изолација треба да вежбаш, да читаш, да се занимаваш со некое хоби, да не губиш време,
-кога се анулира нечија објективна загриженост со „секогаш може да биде полошо“.
Како да се избегне паѓање во оваа замка
Препознавањето на негативните емоции и тагата како нормален и важен дел од човековото животно искуство и соочувањето со нив се првите чекори како позитивноста да не стане контрапродуктивна и токсична. Истото важи и за идентификувањето и именувањето на емоциите наместо обидите да се избегнат и анулираат или забошотат со едно циклично „сè ќе биде во ред“.
Што повеќе разговарајте за своите чувства со луѓето во кои имате доверба и нека бидат присутни и негативните, можеби и повеќе од оние што емитуваат само среќа, бидејќи тогаш, како што се вели, сè е убаво и лесно, а „на маката се познаваат јунаците“. Побарајте поддршка од лица кои не ве осудуваат ако сте тажни, а ако некој од нив ви врши притисок да бидете позитивни и кога не се чувствувате така, обидете се да му објасните дека таквиот пристап причинува многу повеќе штета отколку корист. Исто така, немојте ни да се двоумите да побарате стручна помош ако почувствувате дека запаѓате во лавиринтот на овој вид позитивност, насила да оставате слика дека сè е во ред, а однатре се чувствувате длабоко несреќни и неисполнети.
Ваквите лица се лесно забележливи бидејќи на сè што ќе се случи, се обидуваат да му дадат позитивен призвук. Често лошите настани ги изедначуваат со огромна количина љубов која, според нивната интерпретација, сигурно ќе се случи.
Извор:
eklinika
Фотографии: Unsplash