По објавувањето на јавниот оглас за давање под закуп на земјоделско земјиште во државна сопственост за површини над 3 хектари, меѓу кои беше наведено и местото наречено Ливатчија, односно познатите лазарополски ливади со ендемски вид нарциси, лазарополци распишаа
петиција со која се спротивставија на издавањето на заштитените ливади. Локалните власти велат дека огласот е стопиран, а од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство не одговорија на нашите прашања во врска со проблемот.
Имено, утре (сабота) треба да се одржи јавно електронско наддавање во врска со јавниот
оглас за давање под закуп земјоделско земјиште во државна сопственост за површини над 3 хектари. Огласот е објавен на веб-страницата на МЗШВ на 24 јуни 2022 година, каде што е наведена и парцелата КП 118/1, поточно ендемските влажни ливади во селото Лазарополе, на планината Бистра кое се наоѓа на 1.350 метри надморска височина.
Претседателот на месната заедница на Лазарополе, Андо Стојковски, за Факултети.мк изјави дека тендерот за земјиштето е стопиран, како што добил информација утринава од МЗШВ.
- Ние поднесовме приговори и до Владата, министерствата и сите надлежни институции - истакна тој.
Сепак, на страницата на Министерството досега не е објавено дека огласот е стопиран, а иако побаравме став од МЗШВ (преку е-пошта и телефонски) сè уште немаме добиено никаков повратен одговор за тоа дали ќе се изврши наддавање за изнајмување на заштитените ливади.
- Лазорополските ливади со нарциси се соочени со страшна закана за нивно уништување. Лазорополските нарцисови ливади спаѓаат во заштитена област на влажни ливади - ендемски вид со биолошка разновидност, флора и фауна, кој е многу невообичаен и редок во Македонија. Сите граѓани на селото Лазарополе (сегашни и поранешни жители) како сопственици на недвижен имот (стари обновени куќи, нови куќи, викендици, стопански објекти, ниви, ливади и пасишта), како и сите вљубеници и поддржувачи на селото Лазарополе и неговата околина и пошироко на Мијачкиот Регион, се против ваквиот атак врз „ливадите“ и гордоста на лазорополци - се наведува во петицијата, во која се додава дека во 2013 година исто така имало обид за нарушување на екосистемот со изградба на викенд-населба, но по реакцијата на мештаните, тој проект бил откажан.
Иницијаторите на петицијата додаваат и дека повикале на итно повлекување на огласот и реагирале до МЗШВ, Влада, Министерство за животна средина и просторно планирање (и до државниот советник на истото), Општина Маврово и Ростуше, Националниот парк „Маврово“, Народниот правобранител, Агенцијата за планирање на просторот и Државната комисија за спречување на корупција.
Селото Лазарополе се наоѓа на планината Бистра на 1.350 метри надморска височина, кое е заштитено од страна на Националниот парк „Маврово“ поради своите ендемски видови: ендемските влажни нарцисови ливади, како и ендемските видови животни рис, дива коза, срна, дива мечка.