Зградата во која е роден нацистичкиот германски канцелар Адолф Хитлер во австрискиот град Браунау на Ин официјално доби нова намена и од денеска почнува да функционира како полициска станица.
Целта е да се спречи објектот да стане место за собирање на неонацисти, пренесе „Ројтерс“.
Австриската влада во 2017 година присилно ја откупи големата традиционална куќа во близина на границата со Германија, која претходно беше во приватна сопственост и во која работеше добротворна организација за лица со попреченост.
Две години подоцна беше објавено дека зградата ќе биде преуредена и претворена во полициски објект.
Пред реновирањето, единствениот потсетник на историското значење на куќата беше камен од тротоарот донесен од некогашниот нацистички логор Маутхаузен, со порака „Никогаш повеќе фашизам“.
На него не се споменува Хитлер, а каменот остана на истото место. На белата фасада сега се наоѓа само натписот: „Полиција“.
- Целта беше да се спречи каква било поврзаност со Адолф Хитлер и да се отстрани таа мистика - рече Штефан Млчох, шефот на одделот за историја во австриското министерство за внатрешни работи.
Во таа куќа Хитлер поминал само неколку недели по раѓањето во 1889 година, пред неговото семејство да се пресели.
За време на нацистичкото владеење објектот бил дел од култот на личноста околу Хитлер и бил претворен во некаков вид музеј.
Иако минувачите и понатаму повремено застануваат да ја фотографираат зградата, локалните власти наведуваат дека денес постојат само изолирани инциденти поврзани со посетителите, помалку од порано.
Во Австрија нацистичкиот поздрав и другите симболи се забранети со закон.
Градоначалникот на Браунау на Ин, Јоханес Вајдбахер, вели дека смета дека граѓаните главно ја прифатиле пренамената на објектот.
- Мислам дека граѓаните на Браунау целосно ја прифатија и можат да живеат со тоа - рече тој.
Вајдбахер беше член на комисијата која препорача зградата да се користи за добротворни или официјални административни цели. На крајот беше одлучено полициската станица да биде најдоброто решение бидејќи добротворната организација би можела да го направи објектот премногу достапен за јавноста.
Сепак, одлуката наиде и на критики.
Комитетот Маутхаузен, една од водечките австриски организации на преживеаните од холокаустот, оцени дека полициската станица не е соодветна намена и дека повеќе внимание треба да се посвети на потсетувањето на злосторствата на Хитлер.
Австрија со децении се претставуваше себеси како „прва жртва на нацизмот“, по анексијата што нацистичка Германија ја изврши во 1938 година. Последниве години властите ја нагласуваат и улогата на Австријците во нацистичките злосторства.
Одредени жители на Браунау изразија жалење што објектот не ја задржа претходната намена, но мнозинството ја поддржа одлуката на властите.