X
 22.10.2019 Живот

Забраната за пристап до е-пошта по работното време може да предизвика стрес и непријатност кај вработените

Забраната за пристап до е-поштата од работа надвор од работното време може да им направи повеќе штета отколку добро на вработените, покажува едно истражување.

Истражувачите од Универзитетот во Сасекс откриле дека забраната би можела да им помогне на некои вработени да се исклучат, но исто така може да ги спречи луѓето да ги постигнат целите на работа, предизвикувајќи им стрес.

Компаниите сè повеќе ја намалуваат употребата на е-пораките за да се справат со исцрпеноста на вработените. Франција дури донесе регулатива за ова прашање.

Според истражувањето, строгите политики за употреба на е-пошта би можеле да бидат штетни за вработените што имаат високи нивоа на вознемиреност.

Тоа е така затоа што таквите вработени треба да се чувствуваат слободни да одговорат на растечката акумулација на е-пораки или може да се соочат со уште поголем стрес и преоптоварување, велат истражувачите.

rabota
Фото: Getty Images


Д-р Ема Расел, виш предавач за менаџмент на Бизнис-школата при Универзитетот во Сасекс, вели дека и покрај најдобрите намери на политиките што ја ограничуваат употребата на е-поштата, треба да се избегне истиот пристап за сите вработени.

- Забраните нема да бидат добредојдени од вработените на кои приоритетни им се целите за успешно работење и кои претпочитаат да присуствуваат на работа надвор од работното време, ако тоа им помага да ги завршат своите работни задачи. Луѓето треба сами да одлучуваат што ќе прават со е-пораките надвор од работното време и да донесат одлука врз основа на нивната личност и приоритетите - вели д-р Ема.

Меѓу компаниите што имаат ограничена употреба на е-пораките е и германскиот производител на автомобили „Фолксваген“, кој создал сервери за е-пораките да пристигнуваат половина час пред почетокот на работниот ден и половина час пред завршувањето и вовел забрана за е-пораки во текот на викендите.

Минатата година шефот на „Лидл“ во Белгија го забранил целиот внатрешен сообраќај преку е-пошта помеѓу 18:00 и 07:00 часот за да му помогне на персоналот да ужива во слободното време.

„Право на исклучување“

Владите сега разгледуваат пошироко спроведување на политиките.

Закон донесен во Франција во 2017 година бара од компаниите со повеќе од 50 вработени да воспостават часови кога вработените нема да испраќаат или да одговараат на е-пораки, иако некои се сомневаат дека сите ќе ги следат правилата.

На почетокот од оваа година градот Њујорк дискутирал за предлог да стане прв град во САД што на вработените ќе им даде „право да се исклучат“ по работата.

Но, истражувачите велат дека забраната за употреба на е-пораки надвор од работното време ќе предизвика уште поголем стрес кај некои луѓе затоа што тие би сакале или имаат потреба да работат флексибилно.

Според истражувачите, работодавците треба да обезбедат јасни упатства за работење надвор од работното место, вклучително и за употребата на е-пораките и други форми на дигитална комуникација, за да се осигурат дека доколку луѓето користат е-пошта надвор од работното време, тоа го прават затоа што така им одговара.
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот