X
 22.09.2023 Живот

Нов тренд меѓу вработените наречен „исцрпен од досада“, еве за што се работи

„Исцрпен од досада“ (анг. Boreout) е заразен „вирус“ кој брзо се шири и може да го зарази целото работно место, намалувајќи ја продуктивноста на компанијата.

Американските компании се соочуваат со нов тренд на вработените наречен „исцрпен од досада“. Овој термин опишува ситуација кога на работниците им е здодевно, не се ангажирани и се неисполнети од својата работа.

Овој тренд ги погодува работниците, менаџерите и корпоративна Америка како целина, според истражувањето спроведено од експерти за вработување.

Станува збор за феномен кај вработените што се дефинира како хронична досада, чувство дека работата е бесмислена. Резултатот е стрес на вработените, летаргија, помала креативност и продуктивност, зголемување на физичките и менталните здравствени проблеми, висока флуктуација на персоналот и предвремено пензионирање - вели Пеги Клаус, експерт за комуникации и лидерство.

Во минатото луѓето што вложуваа минимум на работа беа етикетирани како мрзливи. Денес истата ситуација се нарекува „тивко откажување“. Клаус ги става овие два тренда во иста категорија.

- Ако вработениот одбива да работи каква било работа надвор од описот на работното место, одбива да учествува на состаноци освен ако некој директно не му се обрати или не одговора на телефонски пораки или е-пошта, таа личност дефинитивно покажува симптоми на „исцрпеност од досада“ на работното место - вели Клаус.

Демографската група која е најпогодена од овој феномен се мажи на возраст меѓу 18 и 35 години. Трендот влијае и врз оние што поминале најмалку време во компанијата и се чувствуваат помалку емотивно поврзани за компанијата и колегите.

- Во овој момент од нивниот живот тие се помалку оптоварени со семејните обврски и затоа се подготвени да го преземат ризикот да ги променат работните места, да ги променат градовите и државите - вели Клаус.

Овој тренд се шири брзо и може да го зарази целото работно место, намалувајќи ја продуктивноста на компанијата. „Галуп“ процени дека нискиот ангажман ја чини глобалната економија речиси 9 милијарди долари.

- Комуникацијата е од суштинско значење за борба против овој синдром. Менаџерите можат да ги свртат работите и да создадат поангажирана работна средина за вработените со отворена комуникација. Решенијата можат да бидат едноставни: давање дополнителна одговорност, создавање нова структура за известување или поставување нови цели за развој на кариерата. Кога вработените работат кон нова цел и добиваат алатки за успех, тие можат да најдат возбуда за својата работа - вели Ники Јоргенсен, генерален директор во компанијата „Инсперити“.

Клаус дава совети за вработените:

- Направете листа со нешта во кои уживате на вашата работа и посветете им се.

- Побарајте дополнителни задачи, проекти и обуки кои ќе ја зголемат вашата стручност и ќе ви бидат интересни.

- Поставете нови предизвици.

- Поврзете се повторно со колегите низ вашата деловна мрежа.

- Посветете се на планирање време надвор од канцеларијата за да добиете нови идеи од луѓето што ве инспирираат.

- Читајте е-билтени и книги и слушајте поткасти релевантни за вашата професија.

- Користете технологија за да ги забрзате рутинските задачи за да ослободите време за други проекти.

- Приспособете ги вашите очекувања.

Извор: Biznis.telegraf.rs
Фото: Freepik
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот