Карма е збор кој
потекнува од индиската филозофска и религиска традиција и го означува секој чин
кој без исклучок почнува одредени причинско-последични врски, па во својата
најстрога смисла, во хиндуизмот и будизмот има универзално значење на збир од
дела кои целосно го одредуваат човековиот сегашен и иден живот.
Карма означува труд кој ја обликува судбината на суштествата
и во крајна линија резултира со повторно раѓање. Овој труд се одвива во 3
области: телесна, говорна и мисловна. Карма не означува едноставно некоја
однапред одредена судбина, како што се верува, туку таа е ознака за принцип на
акција и реакција - човекот пати од сопствените дела.
Поради ова, во будизмот, кога се зборува за карма, особено се
истакнува етичкиот момент, бидејќи со него целосно се одредува исходот од
напорот да се прекине патењето.
Трудот може да биде двоен: позитивен и негативен; последиците
или плодовите на тие трудови созреваат во текот на овој, следниот или наредните
животи.
Според Буда, три причини за негативни кармички дејства се
алчноста, омразата и измамата; а позитивни се несебичноста, добронамерноста и
искреноста кон себе (знаењето).
Ослободувањето од кармата, односно од последиците на
(неисправното) дејствување е можно само преку освестување, односно увид.
Во еден од текстовите поврзани со будизмот е забележано како
еден човек го прашува Буда?
Зошто некои жени се грди, но богати?
Зошто некои жени се убави, но сиромашни?
Зошто некои жени се сиромашни, но здрави?
Зошто некои жени се богати, но болни и имаат краток живот?
Буда вака им одговорил:
Онаа жена што е
грда, но богата во минатиот живот била избувлива, лесно се лутела, но исто така
била и многу дарежлива, го почитувала Буда, и им помагала на многу луѓе.
Онаа што е убава, но сиромашна, во минатиот живот била љубезна, секогаш насмеана и мед ѝ течел од устата, но била скржава и не им помагала на другите луѓе.
Жената што е сиромашна, но е здрава и има долг живот во
минатиот живот била многу скржава, но од друга страна никому не нанела зло.
Но жената која е богата, но често е болна или има краток век
во минатиот живот била многу дарежлива и им помагала на другите, но имала страст
кон ловот и убивањето, со тоа предизвикувала другите луѓе да чувствуваат страв
и несигурност во нејзина близина.
Со овие одговори ни се покажува дека сè што правиме,
без разлика дали е добро или лошо, на некој начин ќе се одрази врз нас.
Во светот милиони луѓе веруваат во законот на кармата. Иако
никој не ја разбира целосно и не може точно да ја објасни, многу филозофи
веруваат дека без оглед на вистинитоста, вербата во кармата е позитивна, бидејќи
стравот од повратниот ефект ги одвраќа луѓето од лоши дела.