Без разлика колку напредува технологијата, сè уште постојат многу места и култури што остануваат неистражени, барем за повеќето од нас.
Нашата цивилизација е подобра за разлика од минатото, а ние го развивме нашиот свет до мера што би била незамислива за претходните генерации.
Бидејќи глобализацијата претставува предизвик за помалите култури да го зачуваат уникатниот начин на живот, верувања и традиции, малите групи што успеале да останат поврзани со природата и нивните предци за нас се навистина фасцинантни.
Повеќе од една деценија фотографот и антрополог Хамид Сардар-Афхами шета низ светот. Тој ги проучува тибетскиот и монголскиот јазик и има докторат од Универзитетот „Харвард“ од областа на азиските јазици и култури.
Кога ја заобиколувал источноазиската земја Монголија, Хамид го посетил изгубеното племе Дука и поминал неколку години со нив.
Едноставниот живот во племето го фасцинирал, а неговите неверојатни фотографии откриваат сосема нов свет надвор од цивилизацијата.
Исто така, тој снимил документарен филм за нив под наслов „Луѓето на ирвасите“.
Дука припаѓаат на туванско-туркиската етничка група која со милениуми живеела на границата на Монголија и Русија. Тие се потомци на домородците во Сибир и Ховсгол, северна провинција во Монголија. Тие се номади кои живеат во оддалечени шуми и се движат од едно пасиште до друго околу пет до десет пати на годишно ниво.
И покрај нивната модерна облека, овие луѓе живеат ист живот каков што живееле пред векови. Веруваат во духовите на нивните предци, за кои сметаат дека живеат во светите шуми. Овие луѓе водат стада ирваси, и тоа го прават уште од мала возраст. Кога ирвасите се премногу млади, ги чуваат деца.
Овој народ ги одгледува ирвасите за сирење, млеко и јогурт, ги користи за транспорт, нуди тури со ирваси и ги продава во градовите. Ирвасите се целосно припитомени и веруваат дека нивната култура ќе умре ако исчезнат овие животни.
Освен тоа, овие духовни луѓе веруваат дека имаат натприрордна врска со дивиот свет, а исто така тренираат и орли, мечки и волци.
За жал, бројот на нивното население е драматично намален, така што денес се помалку од 44 семејства.
- Нивната култура умира. Бројот на семејства опадна затоа што голем дел од нив се синтетизираат со мејнстрим-заедницата. Многу од нив се преселиле во градовите, па други и во главните градови.
Најголемата закана е бегството на помладите, кои не сакаат да живеат во тешки услови - вели Хамид.
Тој тврди дека брзиот пад на бројот на населението е резултат на одлуката на владата да го затвори ловиштето на Дуканците и да го претвори во национален парк.
И ирвасите умираат со голема брзина како резултат на болести и недостапност на лекови.
Од друга страна, Дуканците немаат многу корист од туризмот. Туризмот главно е сконцентриран околу ирвасите, а неколку слики со овие животни чинат околу 2,50 долари.
Енкхатуја, лидер на групата на Дуканци што живеат во предградието на шумите, тврди дека животните се третираат како членови на семејството.
- Како култура, имаме длабока врска со ирвасите. Тие се како наше семејство и поради тоа никогаш не би ги злоупотребиле. Ве уверувам дека не страдаат - вели таа.
Таа верува дека нивната заедница повторно ќе напредува.
- Нашите млади се враќаат за да ја продолжат нашата
традиција. Тие се поблиску до племето и културата од кога било и продолжуваат да го зборуваат нашиот мајчин јазик - додава таа.