Турското место Хасанкејф е вистински споменик - урбана населба која ги поврзува модерните времиња, средниот век, антиката, па сè до праисторијата, но сега е на работ на уништување.
Имено, овој град стар 12.000 години, кој се наоѓа во Анатолија, наскоро ќе биде проголтан од вода поради изградбата на 134 метри високата брана Илису на реката Тигар, 80 километри низводно, и резервоарот за кој турските власти тврдат дека ќе обезбеди електрична енергија и вода за неразвиените делови во курдскиот регион.
Експертите предвидуваат дека Хасанкејф, каде што со години се мешале цивилизациите, од британска до грчка, сосема ќе исчезне до крајот на годината.
За да се спаси што може од древниот град, Турците преселиле амам од 12 век тежок 1.500 тони за да се сочува дел од културното наследство. Освен бањите, преселени се и други споменици во местото оддалечено три километри и наречено Нов Хасанкејф, а се селеа и човечки остатоци од локалните гробишта за да не завршат под вода.
Сепак, не е можно да се преселат неолитските пештери, минарињата од 15 век, домовите на
луѓето...
На тоа подрачје жителите главно се Курди, а има само неколку Асирци. До 80-тите години на 20 век традиционалните пештери ги населувале Асирци и Арапи христијани, но тие потоа се иселиле најмногу во Германија, Франција и Швајцарија поради војната на турските власти против Курдската работничка партија (ПКК).
Браната финансиски биле подготвени да ја поддржат Германија, Австрија и Швајцарија. Но сите три земји во 2009 година ја повлекле финансиската поддршка. Уште претходно проектот беше осуден и од него се повлекоа Велика Британија и низа европски приватни мегакомпании.
Случајот стигна и до Европскиот суд за човекови права и сè уште е во тек. Покрај тоа, Анкара собра 1,1 милијарда евра, тврдејќи дека проектот е неопходен за електрична енергија и наводнување.
Во меѓувреме изби и војната во Сирија и почнаа да излегуваат шпекулации дека Реџеп Таип Ердоган планира да го користи системот на брани на Еуфрат и Тигар за да го контролира снабдувањето со вода во Ирак и во Сирија, односно како средство за политички притисок. Активистите предупредуваат дека браната ќе го намали протокот на Тигар кон Ирак за 40 отсто, дека квалитетот на водата ќе се влоши, дека ќе стане посолена, а последователно и непогодна за пиење и наводнување во Ирак.