X
 23.02.2023 Политика

Начини на кои војната во Украина го промени светот

По 24 февруари 2022 година светот веќе не е ист. Во Украина има војна, а последователната криза го погодува населението во сите земји од светот. Нашата планета станува позастрашувачко место. По една година војна во Украина, десетици илјади војници загинале од двете страни, а животот го загубиле и илјадници украински цивили. Еве на кој начини оваа војна го промени светот.

Враќање на војната во Европа

И покрај широката употреба на новата технологија специфична за новиот милениум, како што се сателитите и беспилотните летала, борбите во Источна Украина се брутално тешки, во кал и ровови и со пешадиски напади карактеристични за Првата светска војна. Освен тоа, војната во Украина ја забрза трката во вооружувањето, а ситуацијата денес е многу слична на онаа од 30-тите години, која беше увертира за Втората светска војна.

Русија има намера да ја зголеми својата војска од еден милион на еден и пол милион војници. САД го зголемија производството на оружје за да ги заменат резервите што ги испратија во Украина. Франција планира да ги зголеми владините трошоци за војската за 33 отсто до 2030 година, а Германија ја укина забраната за испраќање оружје во конфликтните зони со цел да донираат проектили и тенкови на Украина.

Сојузите повторно се активни

Руските надежи дека инвазијата на Украина ќе го подели Западот и ќе го ослабне НАТО не се покажаа како точни. Згора на тоа, НАТО-алијансата се прероди и зајакна. Се приклучуваат Финска и Шведска, кои со години беа неутрални. Се добива впечаток дека НАТО, кој беше формиран за да му се спротивстави на Советскиот Сојуз, повторно најде смисла и цел во украинскиот конфликт.

Покрај тоа, Европската Унија воведе санкции за Русија и испрати милијарди евра како помош за Украина. Граничните земји на Унијата зазедоа цврст став кон Русија и вршат притисок врз државите и партнерите на Унијата кои покажуваат помала одлучност.

Нова железна завеса

Поради војната во Украина, Русија стана омразена нација на Западот. Руските олигарси се санкционирани, компаниите се ставени на црна листа, а интернационалните брендови ја напуштија земјата. Меѓутоа, Русија ги зајакна економските врски со Кина, иако Пекинг држи дистанца. Путин ја зајакна воената соработка и со Северна Кореја и Иран, а со економските програми продолжува да го шири влијанието во Африка и на Блискиот Исток.

Како и за време на Студената војна, светот е поделен на два табора, а многу земји, како што е втората најнаселена во светот, Индија, сè уште ја следат ситуацијата и не избрале страна. Во секој случај, војната го продлабочи јазот меѓу либералниот меѓународен поредок предводен од САД, од една страна, и Русија и растечката суперсила Кина, од друга страна.

Преобликувана економија

Пред војната во Украина, ЕУ увезуваше речиси половина од гасот и една третина од нафтата од Русија. Руската инвазија и санкциите што следуваа доведоа до енергетски шок. Војната, исто така, ја узурпира трговијата во свет кој сè уште закрепнуваше од пандемијата. Цените на храната забележаа огромен скок бидејќи Русија и Украина се меѓу најголемите извозници на пченица и сончогледово масло, а Русија е и најголемиот производител на ѓубрива во светот.

Војната во Украина донекаде ја паузира борбата против климатските промени бидејќи потрошувачката на јаглен значително се зголеми во земјите на ЕУ. Сепак, постои надеж дека токму потребата на Европа да не зависи од рускиот гас може да ја забрза транзицијата кон обновливи извори на енергија.

Нова ера на неизвесност

Осум милиони Украинци беа принудени да ги напуштат своите домови. Десетици милиони луѓе во Европа почувствуваа неизвесност, вознемиреност и страв поради ненадејниот колапс на европскиот мир. Нуклеарната закана и стравот од нуклеарна војна повторно се актуализираа. Борбите за нуклеарната централа во Запорожје предизвикаа стравувања од нова катастрофа слична на Чернобил.

Извор: Radio Sarajevo
Насловна фотографија: Pixabay
Подготвил: Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Политика