X
 25.01.2021 Здравје

Во Македонија не е детектиран британскиот сој на коронавирус

Министерството за здравство информира дека заклучно со 11 јануари 2021 година не е утврдено присуство на SARS-CoV-2 вирусот од Велика Британија во нашата земја. Овие наоди се базирани на податоците од лабораторијата на ИЦГИБ-МАНУ добиени при анализа на геномите на близу 180 SARS-CoV-2 вируси кај пациенти од земјава дијагностицирани во периодот јуни 2020 - 11 јануари 2021 година.

Во лабораторијата во Македонската академија на науките и уметностите се врши секвенционирање на целиот геном на вируси детектирани кај пациенти со Ковид-19 од нашата држава со цел да се утврдат соевите на вирусот кои циркулираат во нашата популација, начинот на нивното ширење и можната корелација со различната клиничка презентација на болеста. Последните податоци се однесуваат на анализа на 50-ина геноми во периодот декември 2020 - 11 јануари 2021 година.

- Од почетокот на пандемијата досега се анализирани близу 180 вирусни геноми, при што е утврдено присуство на 20-ина соеви на вирусот.
Соевите се изолирани од пациенти од различни градови од државата. Од присутните соеви на вирусот, два (B.1.1 и B.1.1.70) се доминантни во нашата популација, присутни кај повеќе од 75% од пациентите. И двата соја се присутни од почетокот на пандемијата, од кои B.1.1 сојот (присутен во цела Европа, а со највисока застапеност во Грција, Италија, Австрија, Шведска, Турција, Русија итн.) има стабилна фреквенција, додека фреквенцијата на B.1.1.70 сојот (присутен со повисока фреквенција во Србија, Хрватска, Косово) се зголемува во последните месеци и во моментот е доминантен кај анализираните пациенти - информираат од Министерството за здравство.

Ова зголемување кај B.1.1.70 сојот корелира со присуство на дополнителна мутација (Q677H) во -S-генот (spike протеинот) на вирусот која е првпат детектирана во јуни 2020 кај пациент со Ковид-19 од Охрид и овој варијантен сој е доминантен од ноември наваму во нашата земја.

- Тој во меѓувреме е детектиран со ниска фреквенција и во неколку други земји, меѓу кои Швајцарија и Данска. И покрај тоа што не се направени функционални испитувања на оваа варијанта, согласно епидемиолошките податоци за стивнување на епидемијата во нашата земја во последниот период, се претпоставува дека варијантниот сој не е поврзан со зголемена трансмисивност, ниту пак со тежината на клиничката слика на заболените - дополнуваат оттаму.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Здравје