Во текот на илјадниците години еволуција, пигментацијата на човечката кожа се менувала за подобро да се регулира количината на ултравиолетово зрачење што продира во кожата и им наштетува на клетките. Познато е дека за бојата на кожата на секое лице одлучува единствена комбинација на гени и дека станува збор за наследна особина. Додека клетките на некои луѓе содржат повеќе пигменти на меланин, кој на кожата ѝ дава потемна боја, кај посветлите луѓе со розеникава кожа бојата главно варира поради разликите во пребоеноста на сврзното ткиво под кожата, како и во количината на хемоглобин во крвните садови.
На глобалната мапа на нивоата на вродените пигментации на кожата јасно се гледаат разлики во нијансите, почнувајќи од најсветлите кај луѓето на северниот дел од планетата, преку средните нијанси на луѓе со потекло од пределот околу 20 степени северно од екваторот, до најтемните - таква кожа имаат луѓето главно меѓу екваторот и 20 степени појужно, во областите со константно висок степен на ултравиолетово зрачење.
Истражувачки тимови од неколку американски универзитети пред неколку години објавија истражување за гените кои ја одредуваат бојата на кожата. Истражувањата покажале дека бојата на кожата речиси 100 отсто е наследна и дека општо гледано, релативно мал број гени одлучуваат за неа. Сепак, колку се поблиску луѓето до екваторот и колку е потемна бојата на нивната кожа, толку е поголем бројот на гени што се вклучени во регулацијата на пигментацијата и секој од нив има мал придонес кој дополнително ја потемнува кожата.
Поделбата на луѓето на раси според бојата на кожата - која донесе ужасни несреќи на планетава - на големо е напуштена. Но, интересно е што уште Хипокрит во 5 век пр.н.е. заклучил дека бојата на кожата и темпераментот на луѓето варираат во зависност од животната средина, а Аристотел и неговите следбеници развивале „климатска теорија“, според која темната кожа е поврзана со силното сонце и жештината. Кон средината на 18 век веќе биле познати мапите на кои се гледа како бојата на кожата варира во зависност од близината, односно оддалеченоста од екваторот.
И Чарлс Дарвин на патување во периодот од 1831 до 1836 година ги проучувал варијациите на белата кожа на луѓето, но одлучно ја отфрлил идејата дека тие може да бидат основа за поделба на луѓето на раси бидејќи, како што навел, меѓу луѓето со различна боја на кожата не постојат јасни разлики.
Одредени истражувања посочуваат дека се потребни околу 100 генерации за да се промени бојата на кожата - наследниците на темнокожите луѓе кои се преселиле на север по 2.500 години имале светла кожа. Обратна била ситуацијата кај миграциите од север на југ.
Автор: Марија Ѓуриќ
Извор и насловна фотографија:
Nauka kroz price