Борбата против сидата бара дополнителни милијарди долари или во спротивно повторно би можела да избие епидемија, предупредуваат експертите.
- Ќе имаме проблеми ако немаме повеќе пари - истакна Марк Дајбл, научник и американски дипломат, на симпозиумот пред собирот што оваа недела се одржува во Амстердам, а е посветен токму на оваа болест.
Дајбл од 2012 година е извршен директор на Глобалниот фонд за борба против сида, туберкулоза и маларија.
- Во најлош случај, недостигот на пари би можел да се совпадне со ризикот од експлозија од нови зарази поради големиот раст на населението во некои од најтешко погодените земји, особено во Африка - истакна Дајбл, кој стравува дека светот ќе ја изгуби контролата над епидемијата.
Денес во светот има 36,9 милиони луѓе што се заразени со ХИВ. Бројот на нови зарази се намалува и првпат од почетокот на векот годишната стапка на смртност падна под милион во 2016 (990.000) и 2017 (940.000) година. Но, агенцијата за оваа болест при ОН проценува дека се потребни 7 милијарди долари годишно за сидата до 2030 година веќе да не биде јавно-здравствен проблем.
Научниците се особено загрижени поради падот на донации од САД за борбата против сидата. По изборот на Доналд Трамп за претседател, САД како најголеми донатори најавија намалување на својот придонес, кој, инаку, сѐ уште не е одобрен од Конгресот.
- Ако не преземеме драстични мерки, нема да бидеме ни блиску до целта што сме ја поставиле за 2030 година. Многу сме далеку од нашата цел, не само во смисла на искоренување на сидата, туку дури и во смисла на превенција - истакна Надуку Килонзо од кенискиот совет за контрола на болеста.
Таа додаде дека драматично е намален износот за дистрибуција на бесплатните
презервативи.